Чупеска за осветувањето на полициските возила: Mинистерот може дома да си вика поп за сопствените кола и станови, a институцијата не смее да биде заложник на лични верски убедувања

„Се прашувам, кога ќе дојдат на ред претставниците од ИВЗ, Јеховините сведоци, Харе Кришна и сите останати верски заедници да ги осветуваат возилата на МВР?!“, прашува Чупеска

од Nikola Popovski
334 прегледи Фото: Фејсбук

Членот на СДСМ и раководителка на Советот на партија, Ана Чупеска го коментираше верскиот обред и осветувањето на новите полициски возила на паркингот на Министерството за внатрешни работи. Таа преку јавна објава упати остра критика кон министерот Панче Тошковски.

„Се прашувам, кога ќе дојдат на ред претставниците од ИВЗ, Јеховините сведоци, Харе Кришна и сите останати верски (или духовни) заедници да ги осветуваат возилата на МВР?!

Ова што го прави министерот Тошковски не е само несоодветно, непримерно и неупатно, туку е директна навреда за сите вработени во МВР кои не се православни христијани или се можеби атеисти. Полициските возила се јавно добро – купени со пари на сите граѓани и треба да им служат на сите подеднакво“, порача Чупеска.

Според неа, „министерот може дома да си вика поп за сопствените кола и станови, но институцијата МВР не смее да биде заложник на лични верски убедувања“.

„Ова е чист пример за симболично насилство! Наместо пораки за мир и хармонија, во овие празнични денови, чија основна суштина е прифаќање и мир со другиот, каква порака праќа министерот со овој гест? Дека законот и државата припаѓаат само на една група?!

Срамота! Прашање до г-дин Тошковски – која е пораката што сакате да пратите министре?! Која ?!“, пишува таа.

По фотографиите што се појавија на социјалните мрежи на кои се гледа како свештено лице „осветува“ дел од новите полициски возила што беа промовирани на крајот на минатата година, Одделот за внатрешна контрола при МВР потврди дека се води истрага што треба да утврди кој го викнал свештеникот во кругот на Министерството за да го изврши чинот.

За случајот преку објава на Фејсбук реагираше и заменик-министерот за внатрешни работи, Астрит Исени, кој напиша дека „прскањето со света вода од страна на верско лице врз службените полициски возила и врз службените објекти, во рамки на паркингот на МВР, не претставува приватен верски чин, туку директно кршење на принципот на секуларна држава и на законот“.