Поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас вчера поднесе оставка од функцијата пратеник на Сириза во грчкиот парламент, наведувајќи дека тоа е „одлука на совеста“ и дека се враќа на општествено дејствување, „далеку од политичките позиции и партиските механизми“.
Грчките медиуми шпекулираат дека овој потег на поранешниот премиер е првиот чекор кон формирање нова партија која има за цел да ја предводи грчкиот лев-центар и левицата.
„Се повлекувам од функцијата пратеник на Сириза, но не се повлекувам од политичкиот активизам. Не можам и не сакам формално да учествувам во парламент кој, лишен од својата демократска суштина, не е во можност да ја исполни својата уставна улога и барањата на своите граѓани“, нагласи тој во писмо до претседателот на парламентот Никитас Какламанис, откако го информираше лидерот на партијата Сириза, Сократис Фамел, објави грчкиот јавен сервис ЕРТ.
Тој изјави дека по 16 години во парламентот, како пратеник, лидер на партија, лидер на опозиција и премиер, одлучил да се повлече од политичката функција бидејќи смета дека неговиот настап во парламентот, како поранешен премиер, не им носи ништо суштинско на оние што го избрале.
Ципрас нагласи дека се повлекува од парламентот, но дека не ја „напушта политичката борба“ и се враќа на „неизвесната сигурност“ на општественото дејствување, со цел да биде поблиску до потребите на општеството.
Тој укажа на потребата од колективна борба за социјална правда.
„Актуелните проблеми во Грција, економски, политички, геостратешки и морални, се предизвици што бараат промени и создавање надеж преку акција, а не само зборови“, рече Ципрас.
Тој ги повика поранешните другари да не станат негови противници, туку да „повторно се поврзат во заедничката работа за општествени промени“.
Дополнително, тој апелираше до граѓаните кои се незадоволни од актуелната ситуација да се вклучат во промените и да ја преземат одговорноста за иднината на земјата.
Ципрас имаше 34 години кога стана лидер на Сириза пред 17 години и го надгледуваше нејзиниот изборен пораст од 4,6 проценти во 2009 година на 36,3 проценти во 2015 година.
Тој беше премиер на Грција од 2015 до 2019 година, за време на некои од најтурбулентните години од финансиската криза во земјата.
Во летото 2023 година, Ципрас поднесе оставка од функцијата лидер на партијата по тешкиот пораз на националните избори од владејачката централно-десничарска партија Нова демократија.
Оттогаш, Сириза се соочи со егзистенцијална криза, што доведе до многу поделби и го изгуби статусот на главна опозициска партија во земјата.
Анкетите сугерираат дека потенцијалната база на Ципрас би можела да опфати до 20 проценти од електоратот пред следните избори во 2027 година.
Реакции од Нова демократија
Портпаролот на грчката влада, Павлос Маринакис, вчера во изјава за медиумите изјави дека она што се случува во левото крило „не е од директен интерес за Нова демократија“.
Коментирајќи ја изјавата на Ципрас за „нови мориња“, Маринакис подбивно рече:
„Се сетив на изјавата на Ципрас од јуни 2015 година, ако не се лажам, на форумот во Санкт Петербург, и ја побарав за да бидам прецизен. „Ние сме во средината на голема бура“, рече тој тогаш, „но ние сме луѓе на морето кои знаат како да се извлечат од бурите и не се плашат да отпловат во нови мориња за да стигнат до нови безбедни пристаништа“. Значи, последниот пат кога Ципрас зборуваше за пристаништа, мориња и бури, сите баравме појас за спасување. Бидејќи ве потсетувам дека следеа контрола на капиталот, банките беа затворени, референдум со поделби и нашата земја е задолжена за повеќе од 100 непотребни милијарди“.
Самиот Киријакос Мицотакис рече за Ципрас на Солунскиот саем дека „не успеал и како премиер и како лидер на опозицијата“.
„Не чувствувам дека го победив Ципрас, туку дека ја добив довербата на грчкиот народ“, додека во интервју за ANT1 рече дека го гледа како „спортист кој изгорел на… загревање“.
Во суштина, повеќето членови на Нова демократија не изгледаат изненадени од потегот на Алексис Ципрас, кој го карактеризираат како очекуван и оценуваат дека е направен под притисок во рамките на Сириза, каде што дури се зборуваше за поткопување на партијата.