Грчкиот премиер Алексис Ципрас престојува во Санкт Петербург за да побара руска финансиска помош, која би и помогнала Грција да избегне банкрот, јавуваат британските медиуми.
Ципрас, формално, престојува во Русија за да учествува во работата на економскиот форум што се одржува во Санкт Петербург, каде попладнево треба да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.
Според лондонски „Дејли Телеграф“, рускиот министер за економија Алексеј Улукаев изјавил дека Русија не е подготвена да го откупи грчкиот долг или грчките државни обврзници, туку единствено што може сега да направи е да се издада гаранција за кредитите на Грција.
Заменик-министерот за финансии на Русија, Сергеј Сторчак, пак, денеска изјави дека Грција нема побарано помош од руското Министерство за финансии.
Тој додаде и дека Грција во овој момент, не е во позиција да бара државен заем од Русија.
Сторчак вели дека Русија нема буџетски резерви за да и помага на Грција, но и дека Москва не би сакала да предизвикува ескалација на нејзините односи со ЕУ.
Изјавите на двајцата високи руски фунакционери, доаѓаат по пораката што до Атина ја испрати генералниот директор на ММФ, Кристин Лагард дека рокот за доспевање на долгот од 1,6 милијарди долари на 30 јуни е дефинитивен и дека нема да има „грејс период“, ниту одлагање на отплатата.
Лагард уште еднаш побара од грчката Влада да изврши „реформирање на грчкиот пензиски систем“, но додаде дека пензионерите во земјата мора да бидат заштитени.
Лондонски „Гардијан“ прашува дали Грција навистина нема пари, како што тоа го порачуваат од Владата во Атина или пак не сака да ги плаќа своите обврски.
Британските медиуми му даваат голем публицитет на соопштението на грчката централна банка, која ги предупреди домашните политичари дека банкротот на земјата ќе предизвика непредвидливи последици./МИА
