Cisco: Недостатокот на чипови ќе трае уште 6 месеци

од Stefanija Kuzmanovska

Побарувачката за полупроводници ги фати производителите неподготвени, а недостатоците може да траат во поголемиот дел од оваа година, проценува лидерот на технолошкиот гигант Cisco, Чак Робинс.

„Мислам дека ова ќе трае уште шест месеци. Добавувачите градат нови капацитети, што ќе ја направи ситуацијата подобра во следните 12 до 18 месеци “, рече Робинс.

Проширувањето на капацитетите ќе биде клучно, бидејќи напредокот на технологијата, вклучително и 5G, компјутерски облак, вмрежување и вештачка интелигенција, ќе поттикне огромно зголемување на побарувачката.

Според технолошкиот аналитичар на „Wedbush Securities“, Ден Ајвс, „сегашната побарувачка е веројатно за 25 проценти поголема отколку што некој можеше да очекува“.

Европските политичари велат дека сакаат повеќе чипови од домашното производство.
„Мислам дека не е навистина важно каде се прават чиповите, под услов да имате повеќе извори“, рече Робинс.

Cisco неодамна ја заврши аквизицијата на Acacia Communications вредна 4,5 милијарди долари, компанија која, меѓу другото, дизајнира компјутерски чипови. Робинс ја исклучи можноста Cisco да го искористи тоа како можност да започне да произведува свои чипови.

„Ние не сме компанија за производство на полупроводници, така што тоа не е наша главна надлежност. Сметаме дека компаниите кои работат во оваа област се многу подобро опремени и ние соработуваме многу блиску со нив“, додаде тој.

Слични содржини