Турција: „Имате три месеци, а потоа е готово“

од Vladimir Zorba

Турското Министерство за трговија соопшти дека компаниите од таа земја имаат рок од три месеци да ги испорачаат претходно нарачаните производи во Израел.

Министерот за надворешни работи на Израел, Израел Кац, ова го оцени како победа на земјата, откако минатата недела Турција објави забрана за трговија со Израел во знак на протест поради офанзивата во Газа.

„Ердоган повлече и откажа многу трговски ограничувања и лекцијата е јасна: не смееме да попуштиме пред заканите и мора да создаваме алтернативи за да не зависиме од човек од Муслиманското братство кој може да спречи сè во секое време“, напиша Кац на платформата „Икс“ (Х).

Турското министерство за Ројтерс изјави дека укинувањето на забраната „не доаѓа предвид“ и дека станува збор само за тримесечно одложување за време на кое турските компании можат да ги испорачаат постоечките нарачки до Израел, преку трета земја.

Турција на 2 мај објави дека го прекина извозот во Израел и увозот од Израел поради воената операција во Појасот Газа.

Турскиот министер за трговија Омер Болат на 3 мај рече дека Турција нема да ја продолжи трговијата со Израел, која изнесува околу седум милијарди долари годишно, додека не се постигне траен прекин на огнот во Појасот Газа и се воспостави непречена испорака на хуманитарна помош за Палестинците.

Слични содржини