Две недели од кампањата, меѓу првиот и вториот круг на претседателските избори во Црна Гора, поминаа без поголеми тензии. Движењето „Европа сега!“ (ПЕС), чиј кандидат Јаков Милатовиќ влезе со големи шанси во вториот круг од изборите против Мило Ѓукановиќ, со својата метеорска појава на политичкото небо во регионот, го отвори прашањето дали после изборите во недела ќе се означи и неофицијален крај на кариерата на актуелниот шеф на црногорската државата. Во првиот круг на 19 март актуелниот претседател Мило Ѓукановиќ од Демократската партија на социјалистите освои 35,4 отсто од гласовите, а Јаков Милатовиќ 28,9 отсто, кој сепак има голема поддршка од извршната власт. Покрај тоа и Српската православна црква во Црна Гора го поддржа Милатовиќ, додека на покана на Ѓукановиќ, дел од дијаспората пристигна во Црна Гора за да гласа на изборите.
Во пресрет на недела и денот на гласање, но и што ќе се случува понатаму, „Локално“ поразговара со политичкиот аналитичар Љубо Филиповиќ. Според него, ветеранот на црногорската политика и шеф на државата, Ѓукановиќ влегува како опозициски кандидат.
-Јаков Милатовиќ кој формално не е дел од Владата и властите, беше дел од силите кои победија на изборите на бранот на поддршка од СПЦ. Извесно е дека Милатовиќ е фаворит во вториот круг бидејќи силите кои го поддржаа во првиот круг освоија околу 60 проценти од гласовите. Ѓукановиќ влегува во трката оптоварен со губењето на позициите во извршната власт и со товарот организиран криминал, корупција, заробени институции, се она што е уште претходно ја следеше неговата власт. Знаеме кој е Мило Ѓукановиќ и што се неговите намери, ни вели аналитичарот.
Филиповиќ потенцира дека не постои шанса актуелниот претседател врз основа на евентуална победа на овие избори, да има доминација на следните парламентарни избори.
-Неговата победа на изборите значи еден вид гаранција дека Црна Гора нема претерано да тргне кон просрпски и проруски политики. Сепак, неговото заминување од власт веројатно за него би значело крај на кариерата како политичар. Во неговата партија би изгубил поддршка, но на долгорочен период би создал простор за да се создаде ситуација за нов лидер и раководство, објаснува соговорникот.
Аналитичарот исто така обелоденува дека Милатовиќ до 2020 година беше целосна непознаница во црногорската политика.
-Никогаш не бил опозиционер или активиста познат во јавноста. Дојде на бранот на поддршката на СПЦ и беше избран во Владата која беше составена во манастирот Острог. Тој е министер кој својата поддршка ја базирал на програмата „Европа сега“, контроверзна програма за покачување на платите во Црна Гора на сметка на намалување на придонесите и даночните оптоварувања, посебно кон здравствениот сектор. Таа програма го лансираше во врвот на црногорската политика и тој веќе оствари резултати на локалните избори, кажува Филиповиќ.
Кога ќе видиме кој го поддржа Ѓукановиќ, посочува црногорскиот аналитичар, од европските, западните и регионалните политичари и споредиме со тоа кој го поддржа Милатовиќ, како Шешељ, Раковиќ и другите српски националисти, ќе видиме кој од кого што очекува.
-Мислам дека Милатовиќ сам по себе не е екстремен српски националист или проруски кадар, но многу од тие руски елементи и српски претензии очекуваат многу од тоа. Ќе биде интересно да го набљудувате самиот изборен ден и да видите што ќе се случува понатаму. Многу е интересно што овие избори за разлика од некои претходни, поминаа доста мирно, без некакви големи тензии. Изгледа дека Црна Гора успева да биде демократија, оценува Филиповиќ.
Н.П.