Црногорски политичар со напади кон Македонија поради Резолуцијата за Сребреница

од Nikola Popovski

Претседателот и пратеник од редовите на црногорската Демократска народна партија, Милан Кнежевиќ го критикувал црногорскиот премиер Милојко Спајиќ поради поддршката за Резолуцијата за геноцидот во Сребреница. Кнежевиќ отишол предалку во своите ставови, упатувајќи навреди и напади и кон Македонија, со оглед дека нашата држава е еден од коспонзорите на Резолуцијата која треба да се гласа на Генералното собрание на ОН.

-Гледам дека и Северномакедонците ги сврби за Србите и додека си ја чешаат главата мислејќи на нас, се плашам дека пак ќе го сменат името, но овој пат во Јужна Албанија. Ние Србите и Црногорците сме најсреќните луѓе на светот – сите мислат за наше добро, а не ни даваат да се заморуваме и да мислиме за себе, бидејќи може да не боли глава ако почнеме да размислуваме, навел Кнежевиќ, објавија српските медиуми.

Според него, Црна Гора мора да гласа против резолуцијата за Сребреница, не само заради Србија, туку, како што вели заради себе, бидејќи ако гласа за Резолуцијата, ќе се осуди и самата себе на геноцид.

Иако се уште нема официјален став, премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ најавил дека неговата земја ќе ја поддржи Резолуцијата за Сребреница. Пред неколку дена, германскиот експерт за Западен Балкан и проширување на НАТО, Милан Ниц, во Берлин се сретнал со Спајиќ и на својот профил на мрежата „Х“ напишал дека, меѓу другото го прашал за потенцијалното коспонзорство на Црна Гора на Резолуцијата на ОН за геноцидот во Сребреница. Спајиќ му одговорил дека ќе ја поддржи резолуцијата, но дека нема да биде коспонзор.

Македонија ќе биде коспонзор, заедно со Германија, САД и други земји, на резолуцијата во ОН со која се предлага 11 јули да се прогласи за Меѓународен ден на сеќавање и комеморација на геноцидот во Сребреница во 1995 година и да се одбележува секоја година.

Српската јавност и официјалните власти обвинуваат дека доколку се изгласа Резолуцијата, српскиот народ ќе биде прогласен за геноциден.

Слични содржини