Црвенковска си замина од чело на Судскиот совет

од Nikola Popovski

Претседателката на Судскиот совет, Павлина Црвенковска денеска обелодени дека си заминува од позицијата на која беше назначена во април минатата година. Како една од причините ја наведува „медиумската хајка со крајна цел да дадам оставка затоа што мојот избор за претседател не одговараше на група од судската – бизнис елита“.

-До ден денешен хајката не престана преку пласирање лажни информации до новинари, а во континуитет се опструираа и намерно се одолговлекуваа внатрешните процеси во Советот, кои се од клучно значење за успешно завршени задачи и за функционирањето на судството, наведува таа во оставката.

Како што наведува Црвенковска, станало жално што, како што вели, „наместо да се посветиме заеднички на активностите и реформите и да ја унапредиме состојбата во судството, некому стана поважно како да ме нападне и како да им наштети на проектите“.

-Последен пример со лажно брифирање на новинарите беше околу тоа дека е моја незаконската одлука за избор на член во Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители, иако јас ниту го предложив, ниту го гласав членот на Судскиот совет, Зоран Герасимоски. Се надевам дека идниот претседател ќе биде подобен за оваа судско – бизнис елита. Благодарна сум на оние колеги кои покажуваа почит и ме подржуваа во намерите нешто да промениме, но сепак Советот како колективно тело одлучува по која патека ќе се движи судството, наведува Црвенковска во оставката.

Павлина Црвенковска е избрана за член на Судскиот совет од Собранието во декември минатата година. Од 2006 година до 2020 година работела како судски советник во Апелациниот суд Скопје. Претходно од 2004 година до 2006 година работела како Државен советник во Владата, а има работено и како Раководител на одделение во Министерството за одбрана. Од 1998 година до 2002 година работела како адвокат, а од 1996 година до 1998 година како Генерален секретар на Комора на приватен капитал на Република Македонија.

Судскиот совет го сочинуваат 15 члена, од кои осум се избираат од редовите на судиите, тројца избира Собранието и двајца членови, на предлог на Претседателот на државата. Членови без право на глас се и претседателот на Врховниот суд и министерот за правда. Тие се избираат со мандат од шест години, со право на уште еден реизбор.

Слични содржини