Вчера 27.02 после пладне (13.10 часот), на единствениот телефонски број за итни случаи Е-112 граѓанин пријавил дека има застрелано куче на улица „Борка Талевски“ број 70 на територија на Општина Карпош, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
-Веднаш, по трансферираниот повик од 112 во Секторот за операции и координација на ЦУК, Регионалниот ЦУК Скопје ги известил комуналниот инспектор на Град Скопје, Локалната самоуправа – Општина Карпош и Центар за информации и комуникација на МВР за понатамошна постапка, согласно процедурите на известените институции при вакви случаи. Истражувањето на случајот и утврдувањето на фактите при ваквите и слични случаи, како и преземањето оперативни активности е во насока за придонес за зголемување на безбедноста на граѓаните.
Од Секторот за операции и координација при ЦУК, во 15.00 часот, е извршено повторно јавување за следење на континуитетот на пријавениот случај, согласно стандардните оперативни процедури: прво до комуналниот инспектор на Градот Скопје – кој потврдил дека е јавено на Комунална хигиена; второ до контакт лицата од Локалната самоуправа, Општина Карпош – при што повратно е добиено известување дека биле известени потребните институции за отстранување на телото на кучето и потоа трето, до надлежните од Полицијата – што потврдиле дека била пратена екипа за увид на настанот, согласно процедурите при вакви случаи, соопштуваат од ЦУК.
Потоа, при комуникацијата и координацијата на активностите за конкретниот случај за застрелано куче во Скопје, Дежурниот оперативен центар на Секторот за операции и координација при ЦУК, после телефонска комуникација и контакт со надлежните служби на МВР, согласно оперативните стандардни процедури на ЦУК и по пат на електронски „имеил“ службени пораки ја продолжи комуникацијата интерес за повратни информации за пријавениот случај за застрелано куче во Општина Карпош, во корелација со процедурите и надлежностите на институциите од системот за управување со кризи.
-Се очекува истражувањето на случајот и утврдувањето на фактите при ваквите и слични случаи да придонесе за зголемување на безбедноста на граѓаните. ЦУК, во веќе познатата насока дека е безбедноста на прво место, кога ќе бидат добиени нови информации за конкретниот случај за застрелано куче во Скопје, ќе ги сподели со медиумите и јавноста, потенцираат од ЦУК.
За немилиот настан вчера имаше и бројни реакции на социјалните мрежи.
-Маалскиот миленик Тоби од Млечен, мирно куче кое сите таму го чуваа и хранеа, денеска за жал го пронајдоа УБИЕН И ПУКАН со ПУШКА спроти Сидро. Некој монструм се дрзнал насред Карпош да пука со пушка во најмирно куче НАСРЕД БЕЛ ДЕН, помеѓу 8:30 и 09:00 утрово. До кога ќе се дозволува вакви психопати да шетаат слободно? Пред некое време во близина беше пукано и во нашиот маалски миленик Џамбо и ништо чудно да се работи за истата будала што може утре да пука и во човек. Доколку некој има некакви информации, ве молам споделете да помогнеме на МВР побрзо да се пронајде, објави активистката за заштита на животните Тина Мицковска.