Д-р Даниловски: Непотребно е државата да врши принуда за било што во врска со Ковид-19, доволни беа две и пол години

од Nikola Popovski

Проф. д-р Драган Даниловски во колумна објаснува повеќе околу новиот ковид-бран кој веќе е присутен во земјава.

-Со појавата на варијантата Омикрон се покажа дека не е можно да се сопре ширењето со никакви рестриктивни мерки. Сите соеви на Омикрон се толку брзи (високо заразни), што секогаш ќе бидат први во трката. Затоа, веќе не беше можна т.н. стратегија на нулта-ковид толеранција, туку стратегија „да научиме да живееме со вирусот“. Стратегијата „да научиме да живееме со вирусот“ стана можна и прифатлива и заради фактот што Омикрон предизвикува неспоредливо полесна болест од сите претходни варијанти (заради веќе стекнатиот силен имунолошки бедем на популацијата, но и заради еволуцијата на самиот вирус). Тоа особено е видливо со последната подваријанта на Омикрон, БА.5, што се шири и кај нас, објаснува Даниловски.

Според него, реалниот број на нови заразени се мери со илјадници (а се регистрираат само околу 2%), но наспроти тоа, процентот на хоспитализирани е само околу 1,8%, а леталитетот (смртноста) едвај 0,5%.

-Овие факти, практично, веќе го вбројуваат ковидот во ист ранг со сезонскиот грип, па дури и со настинките. Тој веќе е на пат да стане петтиот член (покрај постоечките четири) на семејството коронавируси, предизвикувачи на настинки, потенцира Даниловски.

Докторот дава свој и околу заштитата од новиот бран на Ковид-19.

-Сведоци сме дека расположението за вакцинација е на многу ниско ниво. Оттаму, преостанува вакцинацијата да се препорачува само на високо ризичните поединци (старите лица, оние со хронични болести и со компромитиран имунолошки систем).Сите други имаат избор, по сопствена волја, на две опции: прво, слободно да се изложуваат на вирусот (и најчесто, лесно да го поминуваат, но и да си го прифатат ризикот за можен пост-ковид синдром) и второ, да се вакцинираат. Повторувам, тоа е личен избор! Веќе е сосема непотребно и депласирано, државата да врши принуда за било што во врска со ковидот! Доволни беа две и пол години, за секој од нас да сфати како ќе живее понатаму, појаснува докторот и додава:

-Државата има обврска да се грижи само да не дојде до преоптоварување на здравствениот систем! Таа е должна да преземе одредени ограничувања, само ако настане таква закана.

Целата колумна на д-р Даниловски можете да ја прочитате на следниот линк.

Слични содржини