Д-р Даниловски смирува: Кракен иако е позаразен, не предизвикува потешки симптоми

од Nikola Popovski

Епидемиологот доктор Драган Даниловски ги демантира пишувањата во одредени медиуми дека „со сојот на коронавирус Кракен ситуацијата почнува брзо да се комплицира и на скоро сите заразени лица на крајот им е потребна хоспитализација“.

-Останав запрепастен! Првиот дел е точен, дека симптомите на кракен се слични како кај грип или настинка. Вториот е лага! Вистината е дека САМО кај стари лица со хронични болести, односно ослабен имунитет, постои ризик да завршат во болница. Исто како кај досегашните соеви на омикрон. А не кај „скоро сите заразени лица“, како што стои во написот. Очигледно е дека не се работи за случаен пропуст. Очигледно е дека се работи за намера да се објави сензационалистичка „информација“, напиша д-р Даниловски.

Тој порачува дека „короната ќе остане во истото „друштво“ со причинителите на настинките и грипот“ и дека „кракен иако е позаразен, не предизвикува потешки симптоми“.

Даниловски меѓу другото апелира „до граѓаните да си останат спокојни, да си продолжат без страв со секојдневниот живот и да не веруваат на несериозни портали“.

Вчера во земјава беше потврден првиот случај на кракен, подваријанта на сојот омикрон, соопшти Државниот институт за јавно здравје (ИЈЗ).

Според извештаите, поdсојот XBB.1.5, именуван по митското морско чудовиште „кракен“, е откриен кај пациент од Геввелија, а примерокот е земен на 11 јануари.

„Во еден примерок од вкупно 32, откриен е подсојот омикрон XBB.1.5 познат како „Кракен“, прецизира ИЈЗ.

Претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски, во четвртокот изјави дека нема место за паника и дека сите податоци што ги имаат досега укажуваат дека „кракен“ предизвикува благи симптоми и дека не се очекува неговото ширење да драстично го оптоваруваат здравството.

Слични содржини