Д-р Докиќ: Не е неопходно целото население задолжително да носи маски

од Vladimir Zorba

Директорот на Клиниката за пулмологија, доктор Дејан Докиќ во отворената програма на „24 анализа“ вели поради преземените мерки од властите немаме нагол пораст на новозаразени од коронавирусот во државава, што дава оптимизам за справување со кризата.

– Неколку пати е покажувана кривата и како се одвива една епидемија. Знаеме дека ако таа се одвива по експоненцијален пат, односно кривата оди многу стрмно, а тоа се случува кај земји што не презеле мерки, тогаш можеме да бидеме среќни дека немаме таков нагол пораст на новозаразени, а уште повеќе радува фактот што денеска немаме смртен случај, така да на некој начин линеарно се зголемува бројот на нови случаи, варира од ден на ден, но тоа е во контролирани граници, што дава оптимизам за сите нас, вели Докиќ.

Во однос на заразеното 4-месечно бебе, кое е најмладо заразено со КОВИД-19 во државава, д-р Докиќ вели дека бебето веројатно не се заразило во текот на пораѓањето, туку тоа се случило при доењето или при блискиот контакт со мајката.

Потсети дека коронавирусот што досега се наоѓал во нашата средина и што сезонски се појавува, и претходно постоел и предизвикувал лесна клиничка слика.

– Оваа епидемија од КОВИД-19, од кој може да се заразат од новороденче до преку 90 години, не поштедува никого, затоа што е еден нов вирус со кој човештвото се нема сретнато. Неговите роднини коронавируси се познати во светот и кај нас, и ако направите анализа на предизвикувачите на настинки во наши услови, ќе видите дека 4 врсти на коронавирус се одговорни за 20-30 отсто од вообичаените настинки. Што значи дека коронавирусот што досега се наоѓал во нашата средина и што сезонски се појавува, и претходно постоел и предизвикувал лесна клиничка слика. Но овој вирус е непознат и луѓето немале контакт со него и не може да се создаде имунитет. Затоа се сите подложни на инфекција, вели тој.

За тоа дали треба да се носат маски, за кои во јавноста има дилеми поради многуте различни информации кои доаѓаат, па и од СЗО има препораки дека не се задолжителни, тој смета дека тие се задолжителни доколку луѓето имаат симптоми и ако се собираат во групи.

– Во рамките на информациите кои говорат за начинот на пренесување, можните мерки за заштита, и другите Западни земји, кои не го одобруваа носењето на маски, како што беше случај во азисите земји, сега веќе доаѓаат до сознание дека доколку луѓето се групираат и се на растојание на еден и пол метри или помалку, во тој случај би билопожелно да носат маски бидејќи така ќе ги заштитат. Но во секој случај оние кои имаат симптоми, но не мора дазначи дека имаат КОВИД-19, но преку кашлање, кивање ја пренесуваат својата инфекција обавезно треба да носат маски, вели Докиќ.

Докторот смета дека поради ригорозните мерки кои се преземени, поготово викендот пред нас во кој ќе има целосен карантин, не е неопходно целото население задолжително да носи маски, како што е случај во Словенија.

– Можеби таму каде што очекуваме поблизок контакт на граѓаните, мислам дека тука треба самите да се свесни или на некој начин институциите и организациите кои што продаваат одредени продукти самите да нудат маски и граѓаните да земат пред да влезат – дали е тоа во автобус, пекара или каде што чекаат, додава д-р Докиќ.

Слични содржини