Заклучно со 31 март во нашата земја со „Астра Зенека“ се вакцинирале 663 граѓани постари од 77 години и досега ниту еден од нив не пријавил несакани реакции по вакцинацијата, вели проф. д-р Александра Грозданова, од Националната техничка група за ковид-19 вакцинација, во вчерашната дебата на „360 степени“.
„Заклучно со 31.03.2021, вакцината Астра Зенека кај нас беше дадена кај 663 возрасни пациенти над 77 години, и досега не е покажана никаква несакана состојба, и тоа радува. Оттаму, ако имаше опасност на оваа бројка сигурно ќе се покажеше. Што се однесува до бенефитот, неспоредлива е разликата од еден заболен пациент од Ковид 19 и еден вакциниран граѓанин. Потешки и полоши се компликациите од вирусот доколку некој се зарази. Истата платформа со која е работена Спутник е и онаа на Астра Зенека. Јас уверувам дека станува збор за непотребна паника кај граѓаните и дополнително треба да веруваме на науката и истражувањата и треба да бидеме сигурни во безбедноста“, истакна Грозданова.