Д-р Пановски: Кракен е најпренослив сој досега, но изгледа не е поопасен

од Nikola Popovski
731 прегледи

И покрај тоа што практично не постојат мерки за заштита, состојбата кај нас и во светот е релативно стабилна, вели во разговор за „Локално“ д-р Никола Пановски, микробиолог и поранешен директор на Фондот за здравство околу ситуацијата со коронавирусот.

Тој посочува дека бројот на случаи е се уште висок, но бројот на хоспитализации и смртни случаи е десетина пати понизок од на пример лани ова време. Дополнително, смртните случаи се во над 95% кај лица постари од 65 години, кои имаат коморбидитети.

Пановски ја анализира и ситуацијата со коронавирусот во Кина, каде дневниот број на заразени лица неделава би можел да се искачи на 3,7 милиони луѓе.

-Ширењето на короната во Кина се должи на драконските тригодишни мерки за „нула ковид толеранција“, кои успеаа да спасат, по груба проценка, најмалку еден милион животи, но не успеаа да го уништат вирусот. Тој чекаше и сега го нападна населението, кое за разлика од нас, немаше контакт со вирусот, нема стекнато природен имунитет, а вакцините не штитат од заразување. Сепак, омикрон варијантите се побенигни па се надеваме дека смртните случаи во Кина ќе се бројат во илјади, но не и во сторици илјади. Значи, вирусот кој се шири во Кина е присутен насекаде и не очекувам да влијае на ширењето на короната во остатокот од светот, информира микробиологот.

За сојот ХBB 1.5, попознат како Кракен, кој е подвид на сојот Омикрон, Пановски вели дека ќе го зголеми бројот на нови случаи.

-Тој е најпренослив коронавирус познат досега. За среќа, изгледа дека не е поопасен. Затоа, постарите и оние со коморбидитети треба да избегнуваат гужви, да носат маски во продавници, банки, автобуси, помладите и здравите да живеат нормално, а ако имаат респираторна инфекција, било каква, да се изолираат пет дена, апелира тој.

Пановски најави и подобар зимски период за земјава во однос на коронавирусот, во споредба со ланската година ова време.

-Се очекува да имаме зима полесна од претходните две, слична на оние години кога имало посериозни инфекции со грип, сега со корона, грип и други вируси заедно, под услов вирусите на грип да не бидат многу вирулентни, а за сега не се, укажува микробиологот.

Засега не е регистриран случај на новиот сој во Македонија. Од соседството единствено е потврден во Грција, каде има шест случаи. Според Националната организација за јавно здравје на Грција, сите случаи, што воедно се и првите потврдени во земјата, се во областа Атика, поширокиот регион на Атина.

Кракен за прв пат е регистриран на 22 октомври во Њујорк и оттогаш се проширил во Америка, но и во 30 други земји, главно во Европа.

Н.П.

Слични содржини