Западно-нилската треска опасно демне на овие простори. Во Србија веќе има двајца заразени, а во Грција болеста предизвика и смртни последици по двајца жители. Со оглед на тоа постои загриженост и кај македонските граѓани, кои ги следат состојбите, но и очекуваат одредени препораки од домашните здравствени власти.
Според микробиологот и поранешен директор на Фондот за здравство, д-р Никола Пановски, сезоната на преносливост на оваа болест е од јуни до август, така да за само 2 месеца од сезоната имаме бројот на случаи во Европа е над 1000, што е втор ваков резултат по 2018 година кога е рекордот на докажани инфицирани лица со овој вирус.
Истакнува дека регионов, посебно Грција, особено делот по течението на Вардар, нашата земја, но и Србија, особено по течението на реките Јужна Морава и Морава се ендемски подрачја. Случаи има и во Турција и Црна Гора.
Луѓето практично не можат комплетно да се заштитат од каснување на комарци, освен оние познати мерки. Сепак, не сите комарци ја пренесуваат оваа болест, туку само тигрестиот комарец кој не е доминантен, туку е релативно редок. И кај него се смета дека само 1% од комарците го носат вирусот, информира д-р Пановски.
Посочува дека најризични категории се постарите лица и имунокомпромитираните.
Од 10 инфицирани само двајца се разболуваат, од тие 150 кои ќе заболат само еден развива енцефалит (воспаление на мозокот), а од 10 лица со енцефалит, во просек еден умира. Сепак, кај заболени лица постари од 60 години, 1 на 50 развива енцефалит, ни рече соговорникот.
На прашањето кога треба да се посети лекар при каснувањето од ваквите комарци, Пановски вели дека се оди само ако се развијат симптоми. Порачува дека за болеста нема ни вакцина ниту лек, а кај потешко болните се даваат инфузии и симптоматска терапија.
Во однос на каснувањето, докторот информира дека промените на кожата се слични, без разлика на видот на комарецот.
Симптомите на самата болест се различни, од инфекција без симптоми, лесна клиничка слика, до тешка, со покачена температура, главоболки, повраќања, до губиток на свест кај тешките форми со невролошки нарушувања, заклучува микробиологот.
West Nile вирусот (WNV) е арбовирус кој припаѓа на родот флавивирус (антигенски комплекс на Јапонскиот енцефалит). Откриен е во 1937 година во Уганда, а неговото кружење во живиот свет е дoкументирано речиси на сите континенти во Африка, Америка, Азија, Австралија, Европа и Блискиот Исток. WNV-инфекцијата се пренесува преку вектори – вектор пренослива инфекција, од која најчесто страдаат дивите птици. Инфекцијата помеѓу нив се пренесува преку различни видови на комарци. Луѓето и цицачите, а особено коњите се случајни домаќини и имаат ограничена улога во природниот циклус. Околу 80% од инфекциите кај луѓето поминуваат без манифестација на симптоми. Останатите 20% симптоматски инфекции, најчесто се манифестираат како треска која поминува сама од себе, а помалку од 1% од WNV-инфекциите кај луѓе се развиваат во сериозни форми, со тешка клиничка слика и се потенцијално смртоносни (пр. воспаление на мозокот, воспаление на мозочните обвивки или појава на парализи).