Д-р Спасовска: Не е добро младите да се тераат да се вакцинираат заради влез во дискотека

од Vladimir Zorba

Фреквенцијата на пациенти во нашите амбуланти е многу поголема во летниот период за разлика од изминатите години. Впечатокот е дека децата многу почесто се разболуваат периодов, особено по попуштањето на мерките против Ковид 19, односно се сретнуваат гнојни ангини, бронхити, пневмонии, вирусни инфекции со адено и коксаки вируси, стомачни вируси, сипаници и секако ковид 19, вели во разговор за „Локално“ специјалист, педијатар д-р Звезда Спасовска.

Во текот на минатата година бројот на деца заболени од Ковид-19 беше многу мал, вели педијатарот Спасовска објаснувајќи дека тие што биле заболени биле од помала возрасна група и со лесна клиничка презентација на болеста.

-Но годинава, особено со појавата на делта сојот на коронавирусот состојбата е поинаква, имено имаме повеќе заболени пациенти од повозрасната популација, најчесто тинејџери и кај дел од нив со посериозна клиничка слика со засегање на респираторниот систем со развој на пневмонии пропратени со висока фебрилност и општа слабост. Во текот на изминатите две седмици сведоци сме на огромно раздвижување и групирање на младата популација во туристичките места на нашата држава, каде не се почитувани мерките за заштита и превенција од Ковид-19 вирусот, кои искрено е многу тешко и да се почитуваат од страна на младите, смета докторката.

Таа напоменува дека резултатот почнува да станува повеќе од очигледен токму овие денови со појавувањето на повеќе пациенти од оваа возрасна група во нивната ординација кои добиваат позитивни тестови на Ковид 19.

-Факт е дека дел се тестираат, а дел и одбиваат бидејќи не сакаат да бидат затворени во изолација и да ја пропуштат летната забава. Со тоа го шират вирусот, прво во нивното семејство, а потоа и пошироко. Ова донекаде и разбирливо размислување за младите, со оглед на нивната возраст и хормони. Токму поради овој ризик кој го носат за заболување и пренос на вирусот треба да бидат заштитени, првично за себе, а понатаму и за околината со примање на вакцина против ковид 19 вирусот. Треба да се разговара со нив и со родителите секако, да се посочи дека треба добро да се размисли за сопственото здравје, но и да се мисли на колективниот имунитет како сите би биле бебзебедни, особено за оние кои не смеат да бидат имунизирани, објаснува Спасовска.

Младите се уморни од ограничувања

Докторката смета дека не е добро особено млад човек да се натера да се вакцинира заради влез во дискотека, и потоа за секој симптом или болка да ја обвинува вакцината.

-Мислам дека луѓето, особено младите се уморни од ограничувања, а особено од закани. Подобар ефект би се постигнал со достигнување на ниво на желба за имунизација како чин на заштита прво себеси секако, а потоа и на сите околу себе. Треба малку повеќе здравствено воиспитување, со аспект на истакнување на вредностите, но и обврските на заедничкото живеење, подигање на довербата во здравствениот систем што ќе ги убеди и натера со позитивна мисла младите да се имунизираат. Не е добро човек, особено млад да се натера да се вакцинира заради влез во дискотека, и потоа за секој симптом или болка да ја обвинува вакцината, а тоа неретко се случува, подвлекува Спасовска.

Во тек е имунизацијата на младите, докторката смета дека општиот впечаток е дека таа не се одвива со задоволително темпо до почнувањето на училишната година.

-Се уште не се знае дали наставата ќе биде со физичко присуство или не. Фактот дека децата сакаат да се дружат, да се доближат еден до друг, да се борат, да се гушнат непријатно е да ги држиме во училиште како војници на далечина. Секако е подобро да бидат сите имунизирани и да се одвива наставата порелаксирано. Но, реалноста и времето укажуваат дека нема да биде така. Честото тестирање е истотака многу тешко изводливо и од финансиски аспект и децата апсолутно нема да сакаат да го прават тоа секоја недела, секако разбирливо бидејки е непријатно. Тогаш како решение ако не се вакцинирани останува онлајн наставата која искрено не сум сигурна дали треба да биде толку долго дел од животот на децата бидејќи остава и веќе се чувствуваат последиците по нивниот физички раст и развој и особено нивниот псхички развој, смета таа.

Б.М.

Слични содржини