Д-р Стевановиќ: Неприфатливо е во ера кога светот гори од Ковид-19, да биде неопходна закана од казнена мерка

од Берта Китинска
498 прегледи

До вчерашниот ден во земјава вкупно се хоспитализирани 432 лица позитивни и сомнителни на Ковид-19, од кои 95 на Клиниката за инфективни болести во Скопје. Според директорката на Клиниката, Милена Стевановиќ оваа бројка на хоспитализирани е речиси колку и нејзиниот максимален капацитет.

– Последните денови се примаат од 13 до 14 пациенти, а иако истовремено се испишуваат и пациенти кои се оздравени, тој сооднос не е таков за да не се предвиди дека за многу кратко време капацитетот на Клиниката ќе биде целосно пополнет и ќе мора во функција да се стави монтажната болница, која е комплетно опремена и подготвена за прием на пациенти, нагласи Стевановиќ при гостување во синоќешната емисија „Топ Тема” на телевизија Телма.

Таа смета дека непочитувањето на превентивните мерки за заштита од ковид-19 од страна на граѓаните и нивното опуштање во однесувањето, сега го гледаме пресликано во бројките на новоинфицирани со корнавирусот.

– За мене како професионалец, неприфатливо е во оваа ера кога светот гори од Ковид-19, да биде неопходна закана од казнена мерка за некој човек да преземе едноставни мерки за да се заштити себеси и своите блиски. Навистина тоа не ми е прифатливо, истакна Стевановиќ.

Слични содржини