„Да бевме членка на ЕУ, нашата држава ќе беше пенализирана“: Македонија се гуши, екологисти бараат да се формира Фонд за животна средина

од Nikola Popovski
444 прегледи

И овој декември смрдливиот и загаден воздух, особено во вечерните часови, кога загадувањето е најизразено, стана тема на сите разговори, коментари и расправии, како на социјалните мрежи така и во секојдневните разговори на луѓето во Скопје, но и во другите градови низ земјава. Се испраќаат апели до институциите за мерки. Искуствата покажуваат допрва ќе има рекордни негативни параметри за квалитетот на воздухот.

Загрижува и фактот што помалку пари следната година во Буџетот се планираат и за Министерството за животна средина и просторно планирање. Единствено расте буџетот предвиден за администрација, додека буџетот за заштита на животната средина паѓа за 8%, односно околу 57 милиони денари, а кај просторните планови за 48%. Парите во ставката унапредување на животната средина остануваат речиси исти. Според граѓанските организации и екоа-активистите, заштитата на животната средина никогаш не била приоритет, иако велат дека последниве години тоа е подобрено во однос на минатото, но е далеку од тоа што треба да биде и од реалните потреби. Од иницијативата за заштита и одбрана на природата и обезбедување на чиста и здрава животна средина „О2 Иницијатива“ за „Локално“ истакнуваат дека парите собрани од даноци за животната средина се употребуваат за други цели, а еколошките организации со години бараат да се формира Фонд за животна средина, со што би се решило финансирањето на заштита на животната средина и природата.

-СДСМ го ветуваа овој фонд во предизборната програма, но не го реализираа. Да се надеваме дека следната Влада ќе го формира овој неопходен фонд, ни рече Татјана Чакулев од „О2 иницијативата“.

Со оглед дека многу градови во земјава имаат енормно загадување на воздухот, а Скопје е меѓу првите најзагадени европски градови, со издвоените пари од државната каса за справување со овој проблем, од иницијативата велат дека пораката која се ова испраќа е дека не е еден од главните приоритети. Сепак истакнуваат дека централната власт не е единствената која треба да вложи средства, тука клучна е локалната за менување на начинот на греење на индивидуалните домаќинства или пак поставување на филтри, соодветна инспекција на сите субјекти под нејзина надлежност со вонредни мерења на емисиите, за што е потребно општината/градот Скопје да одвојат доволно средства од својот буџет, што не се случува.

-Ниту централната, ниту пак локалната власт го става овој проблем како приоритетен и не ги одвојува потребните средства во однос на магнитудата на овој проблем, порачува Чакулев.

На прашањето дали тужби до властите би придонеле за некаков пресврт, соговорничката ни потврди дека досега имало поднесено две тужби од Млади правници против Владата, Министерството за животна средина и Градот Скопје во 2019 година и против општина Битола во 2020, но како што е информирана, засега нема никаков исход.

-Да бевме членка на ЕУ, нашата држава ќе беше пенализирана и ќе беше принудена да го реши овој проблем. Нашето законодавство нема пропишано директна одговорност на државата, централната власт и локалната самоуправа, ако се надминати законски пропишаните лимити на загадувачките супстанции во воздухот. Тоа го прави целиот процес комплициран за да се добие позитивен исход пред судовите, што би ја натерал државата/локалната власт да ги вложи потребните средства и преземе акции кои ќе го решат проблемот во законски зададените рамки, истакнува Чакулев.

Од „О2 иницијативата“ се децидни дека потребна е промена во начинот на загревање, јавни и приватни субјекти, домаќинства, а онаму каде не е можно, поставување на соодветни филтри.

-Носење на законски регулативи со што ќе се намалат граничните вредности на загадувачките супстанции во емисиите во воздухот на индустријата, голема и мала. Ефективна инспекција на терен со вонредни акредитирани мерења и санкционирање на палење на отпад и стрништа на отворено. Воведување на ефикасен незагадувачки јавен транспорт. Ограничување на возилата кои загадуваат. Изградба на густа и безбедна велосипедска мрежа. Зазеленување на деградирани површини, контрола на градилишта. Садење на заштитно зеленило околу индустриски објекти и зелени ѕидови како заштита од емисиите од сообраќај, се само дел од политиките што го набројуваат од граѓанската организација кои треба да бидат преземени за да се намали загаденоста.

Истражувањата покажуваат високи економски трошоци од последиците од аерозагадувањето, а како што информира Чакулев, според Светска банка, аерозагадувањето чини помеѓу 500–900 милиони долари годишно, при 1,600 прерано починати годишно, еквивалентно на 5.2%–8.5% од БДП во 2016.

-Но, овие бројки се многу поголеми, ако земеме дека бројот на починати препишани на аерозагадувањето е многу поголем, барем два пати поголем во просек, според Европската агенција за животна средина, што би значело околу 1–1.8 милијарди долари годишно, објаснува соговорничката.

За високото аерозагадување во Македонија изработени се повеќе истражувања кои укажуваат на ризикот врз здравјето на илјадници граѓани, особено за децата како најчуствителна група, зашто нивниот организам е во развој и имаат побрзо дишење.

Во зависност од степенот на изложување, како и видот на загадувачот, последиците се различни. Од кашлање, иритација на дишните патишта, астма, хронични заболувања на белите дробови, проблеми со кожата, како и некои видови рак-велат лекарите. А според Светската здравствена организација, загадувањето на воздухот е најголемиот убиец.

Над 100 државни институции сè уште користат мазут, нафта, а некаде и јаглен, покажуваат истражувањата на невладините.

Н.П.

Слични содржини