Дачиќ ќе брка од партија ако одат на протести

од Vladimir Zorba
132 прегледи

Претседателот на Социјалистичката партија на Србија, Ивица Дачиќ, изјави дека сите што се поврзани со таа партија, и ги поддржуваат или учествуваат во демонстрациите што се одржуваат изминативе денови, ќе сносат одговорност, ќе бидат отстранети и протерани од СПС, затоа што „насилството и штети на Србија“.

Дачиќ изјави дека тоа ќе се примени „без оглед дали станува збор за партиски или државни функционери и нивни соработници или локални организации“.

„Како што е познато, СПС и јас лично остро ги осудивме хаосот, инцидентите и насилството пред Националното собрание од првата вечер. Тоа нема никаква врска со епидемиолошката состојба, туку тоа е обид насилно да се собори владата… Бидејќи нападите врз Вучиќ и СНС се дел од намерна стратегија, и надвор и внатре во земјата, да се дестабилизира Србија“, се вели во писмената изјава Дачиќ.

Тој, исто така, оцени дека „обидот да се оддели СПС од Вучиќ и СНС е составен дел на таа стратегија.

„Додека јас сум на чело на партијата, Социјалистичката партија на Србија ќе биде со Вучиќ во интерес на Србија. Затоа, надвор и внатре во земјата и партијата, започнати се механизми за мое соборување. Од ставовите на Европската социјалистичка партија дека СПС може да влезе во таа организација само ако е против Вучиќ, затоа што има членови на сегашните и поранешни демократи, до организирање напади и барања за мое отстранување. Сето тоа е дел од истата кујна за дестабилизација на Србија“, оцени Дачиќ.