
Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ изјави денеска дека е неизвесно која ќе биде темата и кој би можел да биде резултат на средбата на претставниците на Белград и Приштина во Вашингтон на 27 јуни, и истакна дека Србија е подготвена да разговара доколку има добра волја за да се постигне компромисно решение за косовското прашање.
Дачиќ оцени дека има видлива промена во пристапот на американската администрација, за која, како што вели, сега е свесна дека треба да се најде компромис, додека за претходните администрации тој проблем е веќе решен.
„Тоа треба да се искористи. Сепак, очигледно е дека албанската страна има поголема доверба во (Џо) Бајден и очекува тој да дојде на власт. Прашањето е дали Приштина е подготвена за каков било компромис или ова е само добивање на време“, рече Дачиќ.
Коментирајќи ја објавата на американскиот специјален претставник Ричард Гренел на Твитер, во која беше најавена средба во Вашингтон, Дачиќ изјави дека не е познато за што зборувал Бајден со претставниците на Приштина и дали тој навистина добил уверување дека ќе ја прекине кампањата за членство на Косово во меѓународни организации.
„Ние воопшто не им веруваме, тие аплицираа за членство во Евровизискиот фонд на Советот на Европа пред 10 дена. Насекаде тие користат лобирање за признавање на Косово“, истакна Дачиќ.
Шефот на српската дипломатија вели дека во последно време има „наплив“ на желби да се организираат состаноци за поддршка на продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина и потсети дека е најавена посетата на специјалниот пратеник на ЕУ за Косово и Метохија – Мирослав Лајчак на Белград и посетата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Тој додаде дека претседателот Александар Вучиќ ќе има средба со рускиот претседател Владимир Путин во Москва.
„Исто така, постои француско-германска иницијатива да се одржи самит, но Гренел ги надмудри сите, најавувајќи состанок на 27 јуни во Белата куќа. Ние одговараме секогаш кога некој ќе нè повика, ние сме одговорни и ќе учествуваме во сите активности во одбрана на нашите државни и национални интереси“, истакна Дачиќ.
Тој повтори дека Србија сака компромис, но дека тоа не значи дека Србија треба да ја признае независноста на Косово.
„Ако тоа е целта на сите тие притисоци, тогаш тоа е губење време “, заклучи Дачиќ.