Дачиќ ќе се обиде да го „запре“ приемот на Косово во Советот на Европа

од Stefanija Kuzmanovska
170 прегледи

Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ денеска ќе присуствува на седницата на Советот на Европа, иако рече дека нема да патува во Стразбур поради најавата дека Косово ќе биде примено во таа институција.

Од МНР за агенцијата Бета потврдија дека министерот Дачиќ ќе присуствува на седницата што ќе се одржи по повод 20-годишнината од приемот на Србија во Советот на Европа.

„Во Стразбур министерот Дачиќ ќе се обиде да ја запре процедурата за прием на Косово во Советот на Европа“, изјавија за Бета во МНР.

Шефот на српската дипломатија во понеделникот изјави дека нема намера да оди во Стразбур во вторник, доколку Косово биде примено во таа институција еден ден подоцна.

Дачиќ рече дека десет години по потпишувањето на Бриселскиот договор се најавува дека Комитетот на министри на Советот на Европа ќе ја започне процедурата за прием на Косово во таа институција.

„Косово десет години не ги исполнува обврските од Бриселскиот договор и за тоа треба да биде наградено и на тој ден да започне процедурата за негов прием во Советот на Европа. Тоа е порака дека Косово може да прави што сака“, рече Дачиќ.

Косово аплицираше за членство во Советот на Европа на 12 мај 2022 година.

Апликацијата на Косово за членство во Советот на Европа најпрво ја разгледува Комитетот на министри, а по проценката на ситуацијата во Косово, последниот збор го дава Парламентарното собрание кое го сочинуваат национални претставници на земјите-членки.

За прием на земја во Советот на Европа е потребно двотретинско мнозинство гласови.

Шефот на кабинетот на претседателот на Косово Блерим Веља изјави дека членството на Косово во Советот на Европа е во согласност со бриселските договори од 2013 и 2023 година.

Тој прецизираше дека „членството на Косово во Советот на Европа е целосно во согласност со договорите од Брисел 2013 точка 14 и од Брисел 2023 точка 4“.

Тој додаде дека ако Србија гласа против, тоа е кршење на договорот.

Слични содржини