Дачиќ: Неверојатно е што на Вагнер му беше дозволено да стане толку важен фактор

од Vladimir Zorba
345 прегледи

Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, коментирајќи ја кризата предизвикана во Русија од руската платеничка армија „Вагнер“, денеска изјави дека Србија не се меша во внатрешните работи на други земји, вклучително и Руската Федерација, и дека официјален Белград ги почитува правните тела на секоја држава.

Дачиќ за провладината телевизија Пинк изјави дека Русија е пријателска земја и Србија би сакала проблемите да се решаваат на политички начин, бидејќи власта доаѓа и си оди преку избори.

Во саботата, Русија ја нарече операцијата „Вагнер“, со која беше заземен Ростов на Дон и се упати кон Москва, предавство и вооружен бунт, а рускиот претседател Владимир Путин рече дека ќе направи се за да ја заштити Русија.

Дачиќ, запрашан за коментар за кризата во Русија, рече дека за него е зачудувачки што е дозволено една паравоена група да стане толку значаен фактор во одбраната.

„Тука нешто не е во ред. Јас сум државен човек и верувам дека одбраната мора да биде работа на државата“, рече Дачиќ.

Тој нагласи дека треба да се извлечат поуки од обидот за вооружен бунт во Русија за влијанието на приватните паравоени компании врз војната, како и за мирнодопските настани.

Оценувајќи дека ситуацијата „сега е нормализирана“, Дачиќ рече дека остануваат прашањата кој бил цел на сопственикот на приватните паравоени сили „Вагнер“ Евгени Пригожин – претседателот Владимир Путин или военото раководство.

Најважно е да ги почитуваме правните органи на државата, исто како кога имаше обид за пуч во Турција, кога претседателот Александар Вучиќ веднаш му се јави на претседателот Ердоган, изјави шефот на српската дипломатија.

Слични содржини