Дали Албанија ќе отиде сама напред кон ЕУ без Македонија: „Изолација и апатија ни тропа на врата ако не ги внесеме Бугарите во Уставот“

од Nikola Popovski

Се погласни се тврдењата дека Македонија и Албанија повеќе нема да бидат во пакет за прием во ЕУ. Иако двете земји долги години имаа заеднички именители и заедно го одеа патот, се чини дека ќе дојде до раздвојување доколку нашето Собрание не ги изгласа уставните измени за продолжување на преговорите. Ова следува откако денеска од Софија хрватскиот претседател Зоран Милановиќ изјави дека постои можност двете земји да бидат одвоени во преговарачкиот процес за влез во Европската Унија, зашто С Македонија има одредени услови, без чие исполнување нема да може да продолжи по својот евроинтегративен пат. Со сличен став пред неколку дена излезе и албанскиот премиер Еди Рама. Тој порачал дека двете соседни држави не треба да бидат разгледани како пакет. „Денес мислам дека нашите патишта природно се разделија. Затоа што од моментот кога една земја ги започнува пристапните преговори, нејзиниот пат зависи од нејзините заслуги, не од политиката или геополитиката. Барем така е на хартија. Сепак знаеме дека понекогаш, но и сè повеќе, тоа ​​што е напишано на хартија не се случува во реалноста. Но, не гледам причина повеќе да бидеме заедно. Секој има свој пат“, кажал меѓу другото Рама за „БНТ“.

Ваквите коментари предизвикуваат загриженост кај дел од македонската јавноста. За политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски, одвојувањето од Албанија на патот кон ЕУ, би значело, како што вели, тешка катастрофа за иднината на Македонија како државно – правна заедница, за македонските граѓани апатија и стагнација и влез во „друштвото“ на Босна и Херцеговина и Косово, останатите две територијално недефинирани земји на Западниот Балкан.

Благојче Атанасоски

Тој во разговор за „Локално“ вели дека додека другите земји (Србија, Црна Гора и Албанија), ќе бидат во динамизиран процес на европреговарање, ние внатрешно ќе се урушуваме и ќе се перпетуираме во тешки политички кризи, кои ќе ја парализираат целата држава и општество, а најмногу ќе страдаат сите граѓани, без разлика на нивната етничка, религиска или партиска припадност.

-Не сакам да верувам дека ова се сигнали кои наговестуваат дека Албанија ќе отиде сама напред во европските преговори од нас, но доколку доаѓаат од највисоките државни функционери на Албанија и Хрватска, тогаш тоа е знак, дека во ЕУ се разгледува опцијата и планот Б, доколку не пројдат уставните измени кај нас за внес на Бугарите во Уставот, како услов без кој не се може, за да ги продолжиме ние преговорите со Унијата, односно да го отвориме првото поглавје со ЕУ. Сепак, рака на срце Албанија беше колатерална штета на бугарското вето кон нас, кога ни крива ни должна беше држена во еден вид заложништво поради каприците на официјалната политика на нашиот источен сосед, истакнува Атанасоски.

Потенцира дека наскоро ќе видиме дали опозицијата или дел од опозицијата ќе учествува во изгласувањето на уставните измени за влез на Бугарите во Уставот.

-Или целиот процес ќе удри во ѕид, и ние повторно ќе се вратиме на мртва точка. Овој пат „виновни“ ќе бидеме ние, односно по институционалната стапица на Бугарија и ЕУ кон нас со т.н. француски предлог од минатата година, ние ќе бидеме тие кои самите „ќе си го попречуваме“ нашиот евроинтегративен пат. Сепак, роковите се немилосрдни, тие течат, веќе сме влезени во цајтнот, и ќе видиме наскоро за неколку недели, дали Собранието ќе ги отвори уставните измени со потребното 2/3 мнозинство или пак целиот процес ќе пропадне и ќе се најдеме во една шах-мат позиција од која излезот ќе биде многу, многу, потежок од овој сега кој ни изгледа како исклучително тежок, порачува Атанасоски.

Од друга страна, новинарот Зоран Иванов не гледа со изнедување во ваквите изјави на Милановиќ и Рама и очекува одвојувањето да се случи доколку нашата држава до пред крајот на годинава не ги исполни условите од ЕУ рамката.

Зоран Иванов

-Албанија ќе ги почне преговорите без нас, а и не е должна да чека посебно поради фактот што ова сега не е проблем поради надворешни влијанија туку поради домашните состојби со блокадата за почеток на уставните дополнувања од страна на опозицијата, вели Иванов за „Локално“.

Тој укажува дека во случајот блокадата е овдешна и домашна.

-Ние, Македонија, поточно актуелната опозиција, пред се ВМРО-ДПМНЕ, не сакаме да ги отпочнеме преговорите заедно со Албанија како што е предвидено со европскиот протокол за проширување. Преговарачката рамка на Република Северна Македонија со Европската Унија е условена со внесување и на бугарскиот народ во уставот како дел од севкупниот бугарски народ и тоа е услов за нас, не и за Албанија. Таа веќе нема никакви пречки пред крајот на оваа година и практично да го почне одот по својот ЕУ пат, дециден е Иванов.

Сепак не смета дека е страшно за нас доколку се разделиме со Албанија на патот кон ЕУ.

-Па ништо страшно. Ќе си останеме да си се препелкаме во сопствената коруптивна баруштина препуштени самите на себе без меѓународна контрола, без ЕУ фондови, без ЕУ критериуми, без општествена волја за реформи, ќе си се доиселиме. Изолацијата, неперспективноста и апатијата ни тропа на врата, оценува Иванов.

Н.П.

Слични содржини