Дали дипломатското возило и пасош на Папранику го олесни бегството на Груби? – Керим: Сеедно каква патна исправа носиш, полицијата мора да те провери

од Nikola Popovski
377 прегледи

Според законот, Министерството за надворешни работи е надлежно за издавање на дипломатски пасоши. Постои правилник и правила кои се јасно утврдено кој се има право за дипломатски пасош. Ако се работи за почесен конзул на Косово во Македонија, дипломатски пасош би требало да добие од наша страна затоа што ако живее во Скопје. Меѓутоа, во конкретниот случај не знам дали поседува македонски или косовски дипломатски пасош, вели поранешниот министер за надворешни работи, Срѓан Керим во разговор за „Локално“ за бегството на екс-вицепремиерот Артан Груби односно дали дипломатскиот пасош на неговиот сопатник – косовскиот почесен конзул, Арсим Папранику му го олеснил поминувањето на граничниот премин „Блаце“.

Во однос на како да се сопрат вакви случаи во кои може да се злоупотреби дипломатскиот пасош, Керим вели дека не можат да се сопрат бидејќи си има правила, според конвенциите, нашиот закон и правилникот на МНР кој нема право, а кој има за таков документ.

-Косово си има свои закони и правилник кој има право на дипломатски пасош. Сеедно е што лицето има дипломатски пасош туку прашањето е каков пасош има Артан Груби бидејќи колку сфатив тој е проблемот. Тоа е прашањето – со каков пасош излегол од Македонија и дали пограничната полиција имала инструкција да се сопре, без оглед дали имаш дипломатски или обичен пасош. Ако има инструкција од МВР или Обвинителството за една личност да не може да ја напушти границата, граничната полицијата треба веднаш да ја спроведе. Тоа е прашањето, посочува поранешниот шеф на македонската дипломатија.

Керим е дециден дека проблемот не е во дипломатското возило, туку како Груби излегол.

-Сеедно е дали е дипломатско или обично возило. Јас и ден денес патувам со дипломатски пасош како поранешен министер. Сеедно е што имам таков, бидејќи ме проверува и македонската полиција и земјата во која влегувам. Ме контролира и гледа на компјутер. Не ја гледаат мојата слика туку гледаат дали има некаков налог за ограничување на патување или ненапуштање на земјата. Затоа го добиваат компјутерот. Постојано добиваат освежени податоци од МВР и Обвинителството. Ако има некој таков проблем, мора да го сопрат лицето на граница и да не му дозволат да ја напушти земјата. Не е битно дали возилото имало дипломатски таблички. Битно е тој што е спорен, дали можел да излезе или не и дали граничната полиција си ја извршила должноста, вака поранешниот министер ја објаснува процедурата.

Пред два дена Груби легално ја напуштил државата, поминувајќи на пасошка контрола, иако требало да биде спречен бидејќи неговото име било ставено на стоп-листа, односно системот алармирал дека лицето треба да се запре и да не му се дозволи да излезе од државата. Ова беше објавено синоќа од МВР.

-Во врска со преминувањето на државната граница на Граничниот премин „Долно Блаце“ од страна на А.Г. иако имал активна мерка на стоп листа „задржи и веднаш извести“, на 15.12.2024 Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди постапи и по извршени проверки, извршен увид во службените материјали и по извршена анализа од обезбедени снимки од безбедносните камери од ПС за ГП „Долно Блаце“, Одделот утврди дека полицискиот службеник Б.Ј. со своето несовесно работење не извршил адекватни проверки за патничко моторно возило „мерцедес“ при премин на државната граница на излез од РСМ, не го евидентирал за остварување на излез од РСМ и патниците од предметното возило А.П. со дипломатска патна исправа како возач и А.Г. со македонска патна исправа како совозач во возилото ги завел дека пешки ја поминале границата, односно со пропуштање на должниот надзор извршил гранична проверка во системот СКПВ за лицето А.Г. и при тоа не почекал системот да утврди дали предметното лице има активна мерка „задржи и веднаш извести“ туку веднаш на лицата им ги дал патните исправи, по што тие го напуштиле граничниот премин. Со наведените дејствија, Б.Ј. постапил спротивно на чл. 12 т. 1, чл. 13 с.1 т. 8 од Законот за гранична контрола, со што сторил потешко кршење на работниот ред и дисциплина. Во врска со настанот, од страна на Одделот за внатрешна контрола до ОЈО за ГОКК – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од страна на полициски службеници и затворска полиција доставено е известување заради запознавање на јавниот обвинител, стои во официјалното соопштение на ресорот предводен од Панче Тошковски.

Баш кога поминувал Груби, камерите на граничниот премин не работеле. Оттаму раководителот на смена го прекршил законот бидејќи не преземал мерки иако било пријавено дека камерите на полицајците на граничниот премин не работат бидејќи им се испразниле батериите. 

-Од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди поднесен е предлог за поведување на постапка за утврдување на одговорност за кршење на работната дисциплина против Б.Ј. и Б.А. Против полицискиот службеник Б.Ј. Одделот изрече задолжителна мерка отстранување од работно место-суспензија до завршување на дисциплинската постапка, додаваат од полицијата.

Вчера по вторпат на распит во полициската станица Карпош бил повикан Папранику. Тој беше спомнат како придружник на Груби во моментот кога екс-вицепремиерот ја напуштил државата и замина во Косово, непосредно пред спроведувањето на полициската акција за проневерата во државната „Лотарија“. Папранику е сопственик на ланецот продавници „Нептун“ и косопственик на ТЦ „Ист Гејт Мол“.

Груби и екс-директорот на „Лотарија“, Перпарим Бајрами и официјално станаа бегалци, барани со меѓународна потерница. Фотографиите, заедно со податоците на двајцата осомничени во случајот „Лотарија“, за проневера на околу осум милиони евра се на официјалната страница на МВР. Јавното обвинителство достави барање до МВР за распишување потерници, откако Основниот кривичен суд за Груби и Бајрами одреди мерка притвор од 30 дена.

Од ВМРО-ДПМНЕ со апел до ДУИ и СДСМ, да го осудат бегството на поранешниот вицепремиер кој се наоѓа на американската црна листа и да го повикаат да се врати. СДСМ одговорноста за бегството на Груби ја префрла на МВР. Од партијата велат дека полицијата целосно потфрлила во акцијата за спречување на Груби да ја напушти државава. Изразуваат сомневање дека неговото бегство било договорено.

Н.П.

Слични содржини