Дали Донтовиот модел ги краде помалите партии: „Не е идеален изборен модел, но е добар и обезбедува еден вид на пропорционалност“

од Nikola Popovski
811 прегледи

И овие избори поминаа, а Донтовиот изборен модел и понатаму остана. Помалите партии, пред се Левица, се пожалија дека на тој начин уште еднаш се срушени темелите на демократијата и еднаквоста како уставни категории. Обвинуваат дека ваквиот изборен модел овозможил легална изборна манипулација со гласачкото тело. За една изборна единица се говори повеќе од шест години, но досега без конкретен исчекор. Очигледно дека ниту на големите партии од власта, ниту на големите партии од опозицијата им одговара да се воведе една изборна единица на територија на целата држава, иако дел од нив се заложуваа за такво нешто. Иницијативата ова прашање да се врати на дневен ред, дојде откако почна да функционира работна група што треба да усогласи промени во Изборниот законик во пресрет на претседателските и парламентарните избори. Но, по првата средба на работната група стигнаа пораки дека промената на изборниот модел не е приоритет.

Пропорционален изборен модел со една изборна единица ќе ги мотивира помалите и етничките партии, да се борат со квалитетен кадар да го минат изборниот праг и да влезат како пратеници, а не да котираат на нечија листа, Дури по изборите можат да се договараат за коалиции. Но на овој начин политичката и медиумска сцена ќе се исчисти од таканаречените партии и „независни“ експерти, кои, бидејќи не освоиле поддршка, ќе немаат право да кројат политики со поддршка на „сестринската“ партија од која ќе добиваат средства или некое директорско место или место во некој Управен одбор, и кои главно заживуваат во предизборен период.

Ваквиот сплет на околности се одвива во ситуација кога неколку партии и албанските коалиции се огласија по завршените избори дека им се украдени гласови и најавуваат тужби и доставија тужби до Управниот суд. Најавени се и тужби до ДИК.

Што мислат аналитичарите?

Дел од јавноста смета дека сегашниот пропоционален изборен модел со 6 изборни единици е резултат на повеќекратна анализа, земајќи ги во предвид сите осообености на нашата држава и дека не е идеален изборен модел, но сепак е добар и преку Донтовата формула за пресметување на мандатите обезбедува еден вид на пропорционалност. Според аналитичарот и извршен директор на невладината „Пулсот на демократијата“, Енвер Салихи, тука се работи за различни субјекти и различни интереси – едни бараат една изборна единица додека на големите партии им одговара овој модел.

Енвер Салихи

-Можеби е време да овој пат измените на изборниот законик да се започнат веднаш после формирање на новата Влада како би имало време за вкучување на сите чинители во општеството и изнаоѓање на најдобар изборен модел, смета тој во разговор за „Локално“.

Апелира дека при промена на изборниот модел е потребно да се сослушаат сите политички чинители, а секако и експертите и невладиниот сектор и при таква една широка дебата би се носеле заклучоци кој изборен модел е најдобар за наши услови.

-Сметам дека една изборна единица е тешко да се воведе поради потребата за воведување на изборен праг за влез на една партија во Собранието и тоа најмалку од 3% како непишано правило во демократските земји поради можноста да им се овозможи на секаква група да биде дел од системот што би овозможило фрагментација на општеството и можност за нестабилни Влади и деструкции во една држава. Што се однесува до императивниот мандат мислам дека тоа е веќе само еден убав декор во програмите на политичките партии и истото тешко дека ќе стане реалност во едно општество кое нема многу сенс за одговорност и исполнување на ветеното, истакнува Салихи.

На прашањето дали би имале воопшто толку пратеници ВМРО-ДПМНЕ доколку имаше една изборна единица, соговорникот истакнува дека секако можноста постои, но посочува дека ВМРО-ДПМНЕ има мнозинство сама да формира влада, но сепак оваа работа му дава голем товар на оваа политичка партија, со оглед дека кажаните зборови како опозиција и државничка политика.

-Изборно ветување на оваа партија беше една изборна единица и секако дека ќе се потрудат да се истурка, но сепак зависи и од другите политички чинители дали ќе се прифати оваа решение, подвлекува аналитичарот.

Донтовиот модел е модел на пропорционална застапеност има свои предности и недостатоци. Тој овозможува помали партии да имаат свои претставници во парламентот и спречува состојба во која само најголемите партии да имаат свои претставници, смета политичкиот аналитичар Александар Илиев. Според него, доколку не се користи пропорционален модел постои реална можност значителен дел од граѓаните да немаат претставници кои ќе ги застапуваат нивните интереси.

Александар Илиев

-Во Македонија тоа што создава предизвик при примената на донтовиот метод и пропорционалата застапеност е поделбата на 6 изборни единици. Оваа поделба на државата во 6, наместо во 1 изборна единица во пракса создава состојба во која во секоја изборна единица е потребен различен број гласачи за добивање пратенички мандат. Исто така поделбата на 6 изборни единици создава можност партија чии гласачи се рамномерно распределени во сите изборни единици, да има помалку пратеници од партија чии гласачи се сконцентрирани во една или неколку изборни единици. Тоа значи дека секој глас нема иста вредност, туку таа зависи концентрацијата на гласачи по изборни единици, истакнува Илиев.

Затоа пропорционалниот метод, додава тој, би бил поправичен доколку постои само една изборна единица, со регулиран изборен праг кој реално ќе дозволи застапеност и на помали партии.

-За разлика од пропорционалниот метод, предност на мнозинскот модел е тоа што во тој модел се зголемува важноста на квалитетот на кандидатот. Меѓутоа, оваа предност може да ја има и прорционалниот модел, доколку постојат отворени листи, а не листи чиј редослед го дефинира партијата подносител, објаснува аналитичарот.

Посочува дека е барањето на Левица за една изборна единица е засновано на тоа што гласовите на Левица и други помали партии во изборна единица 6, се неефектуирани.

-Симулации на мандати, доколку Македонија е една изборна единица, покажува дека помалите партии би добиле повеќе мандати, вклучително и Левица. Од друга страна големите партии и партии чии гласачи се сконцентрирани во ИЕ6, би имале помал број пратеници. Меѓутоа, доколку се водиме од принципите на демократија и дека секој глас треба да има иста вредност, овој предлог на Левица заслужува внимание, наведува соговорникот.

Илиев потенцира дека обиди за промени има веќе подолг период, меѓутоа досега нема консензус за овие промени. Претходно истите партии беа во коалиција со СДСМ и го бараа истото.

-За ваква одлука не е доволен притисок од помалите партии. Клучна улога ќе одигра постоење волја за ваква промена во лидерството на ВМРО-ДПМНЕ. Партијата би имала помалку пратеници. Меѓутоа, изборните промените се потребни за секој глас да има иста вредност. Доколку ВМРО ДПМНЕ поддржи вакви промени, ќе покаже дека партијата ја вреднува демократијата и дека истата е поважна од партиски калкулации, смета тој.

Во однос на ситуацијата со приговорите до ДИК и тужбите до Управниот суд, аналитичарот вели дека коректно е да се почека изборниот процес.

-Тоа значи дека доколку има прегласување и одлуки на суд ќе треба да почекаме да заврши истото и да ги имаме сите факти на располагање. Доколку некоја партија изгуби некој пратенички мандат со сигурност ќе оспорува и ќе протестита. Меѓутоа, наведените обвинувања нема да го нарушат легитимитетот на новата власт, бидејќи изборните резултати покажаа голема победа на опозиционите партии, заклучува Илиев.

Вкупно 2 356 гласови изнесува разликата да се стане пратеник во Изборна единица 6 каде се потребни 6 662 гласови и Изборна единица 1, каде се потребни најмногу гласови на граѓаните, односно 9 018. Во случај на една изборна единица секој од 120-те пратеници би вредел по 8 088 гласа.

Симулацијата на изборните резултати од Парламентарните избори 2024 година, според Донтовиот модел, доколку цела држава би била Една изборна единица, покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ би имале два помалку од освоените мандати, односно 56, СДСМ плус еден (19), ДУИ два помалку, или 17, Вреди исто како и сега – 13, Левица плус два пратеници (8) и ЗНАМ еден повеќе, или седум пратеници. Во случај на една изборна единица секој пратеник би вредел по 8 088 гласа.

Дoнтовиот модел е метод за распределба на мандати од партиските листи според пропорционална застапеност, користејќи го принципот на највисок просек. Математички, но не и оперативно, тој е еквивалентен на методот на Џеферсон и на Бадер-Оферовиот метод.

Во Македонија Донтовиот метод се користи од локалните избори 1996 година, кога е воведен за распределба на мандатите на изборите за советници во општините. На парламентарните избори во 1998 година овој метод се користи за распределба на 35 мандати од пропорционалната листа, а од парламентарните избори 2002 година се користи за распределба на сите мандати во Собранието на Република Македонија.

Овој метод за првпат бил користен во 1899 година во Белгија и е именуван според белгискиот математичар Виктор Донт. Тој е помалку пропорционален отколку другиот популарен метод за распределба, Сен-лагеовиот, бидејќи Донтовиот метод повеќе ги фаворизира поголемите политички партии и коалиции над помалите.

По одредувањето на освоениот број гласови, за секоја листа се пресметуваат просеци или количници. Формулата за пресметување на количникот е V/(s+1) каде што:

  • V – е бројот на гласови што го добила листата,
  • s – бројот на мандати што го добила листата досега (во почетокот е 0 за сите листи).

Тоа значи дека според овој систем, вкупниот број гласови што ќе ги добие секоја партиска листа поединечно се дели со 1, потоа со 2, со 3, со 4, и сè така до крајниот број на кандидати што треба да бидат избрани во одредена изборна единица. Добиените изборни количници се подредуваат по големина, а најголемите броеви се мандатите што ги добиле соодветните листи. Секоја листа со кандидати добива пратенички места колку што има најголеми количници во вкупниот број определени места.

Пример: Ако на изборите учествуваат четири партии со свои листи, А, Б, В и Г, и добиле на пример: А = 100.000 гласа, листата Б = 80.000 гласа, листата В = 30.000 гласови, а листата Г = 20.000 гласови, бројот на гласовите на секоја партија се дели со 1, со 2, со 3… до 8.

Според него, добитни се осумте најголеми количници, бидејќи толку пратеници се избираат во претпоставената изборна единица. Прв најголем количник е 100.000 што значи првиот мандат ќе го освои партијата со листата “А”. Втор најголем е 80.000, па втор мандат ќе освои партијата со листата “Б”. Трет најголем количник е 50.000 и тоа е уште еден мандат за листата “А“, а потоа е 40.000 и мандат за листата “Б“. Петтиот најголем количник по ред е 33.333 и тоа е мандат за листата “А“, а потоа следува мандат за листата “В” бидејќи следниот, шести, количник е 30.000. Седмиот мандат, со количник 26.666 ќе ѝ припадне на листата “Б”, а најпосле осмиот мандат, со количник 25.000, ќе го освои листата “А“.

На овој начин партијата со листа “А“ ќе има 4 мандати, листата “Б“ – 3, листата “В“ – 1, а листата “Г” ниту еден. Доколку се појават идентични изборни количници на две различни листи, мандатот се распределува со ждрепка.

Донтовиот метод не произведува апсолутна, односно чиста пропорционалност: во однос на вкупниот број освоени гласови, двете поголеми партии се фаворизирани. Партијата “В“ е помалку фаворизирана, а партијата “Г“ добила недоволен број гласови за да обезбеди мандат. За да може да ѝ го одземе четвртиот мандат на партијата “А“ (* 25.000) на партијата “Г“ би ѝ бил потребен минимум од 25.000 + 1 глас. Значи распределбата на мандатите меѓу овие 4 партии е фер, иако тоа не е апсолутно пропорционален одраз на нивните добиени гласови.

Донтовиот метод се приближува кон пропорционалност со минимизирање на најголемиот однос меѓу места и гласови меѓу сите партии. Овој однос е познат и како односот на предност.

Просто кажано, кога оние што гласаат за партиите што нема да освојат пратеник, воопшто не излезат да гласаат, распределбата на места би изгледала „до влакно“ исто, а тоа би значело и поголем процент гласови за најсилните партии.

Н.П.

Слични содржини