СДСМ утринава преку соопштение порача дека ВМРО-ДПМНЕ изминатите денови пласира целосни лаги и невистини за набавката на софтверски лиценци од реноминаран производител, преку законска постапка, за потребите на државните институции.
Според партијата на власт, опозицијата смета дека лиценцирањето на софтверот на органите и институциите во склоп на Владата е непотребно, односно ДПМНЕ смета дека е сосема во ред во државните институции да се употребува пиратски софтвер.
-Очигледно Мицкоски смета, дека ние треба да сме единствената држава, за која е оправдано да “краде” софтвери, да не ги лиценцира и да го става под ризик целокупното функционриање на владините органи и институции. Дали според ДПМНЕ користењето на пиратски софтвер е подобро од користењето на уредно лиценциран софтвер? Дали од ДПМНЕ на своите компјутери, имаат инсталиран пиратски софтвер, прашуваат од „Бихаќка“.
Од „Белата палата“ во изминативе денови обвинија за сомнителни тендери, кои, според нив, директно се поврзани со премиерот Димитар Ковачевски, каде што фирмата Аитоникс за 3 години добила над 40 милиони евра.
-Дали причината се колегијалните односи, помеѓу Ковачевски со Марко Андонов од Аитоникс, кој во тоа време бил колега на Ковачевски, тогаш министер, а сега премиер? Во 2021-ва година Андонов, колегата на Ковачевски, владата го прифатила за конзул на Грузија во Македонија и притоа му отвора конзулат. Како е можно во нормална држава, на странски дипломати, да се доделува ваков тип на договори, односно лиценци за програми, кои треба да овозможат и безбедност, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.