Пред скоро една година, во скратена постапка Собранието ги изгласа измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗААМУ), без притоа да биде консултирана новинарската заедница. Тогаш ЗНМ реагираше дека измените на законот оставаат простор за манипулации, истакнувајќи дека измените го потврдуваат сомнежот на ЗНМ дека Владата и понатаму имала намера да финансира приватни радиодифузери без никакви критериуми со што се става под знак прашалник и независноста на уредувачката политика на овие медиуми.
Измените на ЗААМУ кои се однесуваат на членот 102 во делот на забрани за рекламирање даваат можност на јавните институции на централно и локално ниво да продолжат да ги финансираат радиодифузерите доколку со истите имаат потпишано договори за соработка кои се важечки и после стапување на сила на овој закон. Ова остава простор овој член од законот лесно да се злоупотреби и јавни средства да бидат исплаќани и во иднина на медиумите и покрај декларативната забрана на истите.
Истиот член од Законот со измените од 31.12.2018 година, ЗНМ исто така имаше критика, каде според новата дефиниција јавните институции не треба да планираат средства за приватните медиуми, но не и да имаат изричита забрана за користење на јавни пари во медиуми. Со ова се остава можност за продолжување на клиентилистичкиот однос на централната и локалната власт кон медиумите, особено земајќи во предвид дека не се предвидува казна за прекршување на овој член.
Една година подоцна, новиот технички премиер Оливер Спасовски, во изјава за медиумите рече дека се прават неопходните анализи и од добиените податоци, во комуникација со медиумите, ќе биде предложено соодветно решение.
На прашањето адресирано до Синдикатот на новинари дали се запознаени со евентуалните случувања околу Законот за медиуми, тие ни одговорија дека засега нема никакви информации за евентуално негово отворање.
„Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници нема информации за евентуално отворање на Законот за медиуми. Не знаеме на што точно мисли премиерот Оливер Спасовски. Минатата година имало одредени разговори на ниво на идеи и иницијативи кои теоретски би воделе кон отворање на овој закон и негова измена, но ништо од тоа не било конкретизирано и прецизирано. Неприфатливо е законот за медиуми да се менува без согласност и консултација со синдикатот и здруженијата од новинарската фела. Потсетуваме дека кога се носеше овој Закон, ССНМ беше против и протестираше против негово донесување, бидејќи тогаш, а тоа и се покажа како точно, сметавме дека со законот нема да се подобрат условите во кои работат новинарите и медиумските работници, иако тогашните власти токму со ова го правдаа неговото носење“, велат од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.
Од Министерството за информатичко општество пак велат дека релевантните новинарски, медиумски организации и самите медиуми одлучат дека е потребно менување на законот, министерството стои на располагање тоа да биде спроведено во транспарентен и инклузивен процес.
„Законот за медиуми, беше еднаш поставен како тема на јавна расправа организирана од МИОА, за да го чуеме ставот на медиумската заедница во однос на портебата на измени на овој закон. На трибината заклучивме дека засегнатите страни се поделени по тоа прашање, односно нема јасен став дали законот треба да се менува или не. МИОА и Владата се со цврс став дека нема да влијаат и ќе остават ова да биде одлучено од страна на релевантните новинарски, медиумски организации, самите медиуми итн. Ние сме спремни да го чуеме нивниот став и да отвориме простор за дискусија. Доколку се донесе заклучок дека потребно е менување на законот ние стоиме на располагање тоа да го спроведеме во транспарентен и инклузивен процес“, се вели во соопштението на Министерството за информатичко општество.
Минатогодишниот став на ЗНМ беше конзистентен и јасен, дека се додека со јавни пари се плаќаат кампањи на политички партии, се загрозува независноста на медиумите и начинот на кој тие ќе ги претставуваат кандидатите пред јавноста во изборната кампања, а ова може да влијае и на самиот изборен резултат, се додава во соопштението.
Во исто време, ЗНМ ги поздрави измените во Изборниот законик што се однесуваат на онлајн медиумите, со кои и се одзема надлежноста на Државната изборна комисија да ја мониторира работата на он лајн медиумите за време на изборна кампања. Овие измени се во согласност со претходните препораки на ЗНМ, но и на Советот на Европа, според кои не постои методологија според која може државата да цени дали онлајн медиумите се (не)професионални во начинот на кој тие известуваат за изборните процеси.