„Срцето ми се кине да станам сведок на распадот на тимот кој сум го поддржувал текот на целиот живот. Погледнете ги играчите и секој еден од нив не знае што значи „црвено-белиот“ дрес на Арсенал. Жално е, тие немаат срце и желба да играат за овој клуб. Бев на последниот натпревар дома со Сити, стадионот беше празен“.
„Чувствувам дека има потреба од промена, бидејќи тоа не може да трае уште долго. Моето срце е скршено. Во овој момент сочувствувам со Арсен Венгер, бидејќи е голем службеник на овој клуб. Кога го гледам, ми доаѓа да заплачам, бидејќи е тажно како тој станува сведок на распадот на сопственото наследство“, изјави фан на Арсенал на БиБиСи по четвртиот едноподруго пораз на топџиите од Брајтон (1:2).
Секоја убава приказна има својот крај, а токму тоа го сакаат и навивачите на „топџиите“. Организацијата на приврзаниците на лондончани, кој има и процент од акциите на клубот, ги објави резултатите од големата анкета по повод треба ли да остане Венгер чело на Арсенал и наредната сезона. Цифрите сигурно го вознемируваат 68-годишниот Французин, бидејќи цели 88% од навивачите сакаат тој да биде отпуштен во текот на летото. Пофрапирачко е дека само 7% сакаат Венгер да го исполни договорот со „топџиите“ до 30 јуни 2019-та. Овие резултати ќе бидат претставени на извршниот директор Иван Газидис.
„Категорично се гледа желбата на сите нас. Ги цениме неговите постигнувања, но Арсен треба да си замине за доброто на Арсенал“, изјавија од Организацијата.
Во исто време, тимот се подготвува за битка со Милан во Лигата на Европа. Средбата е денес од 19:00 часот. Според информациите на Островот овој дуел ќе биде клучен за Венгер, ако сака да ја задржи својата работа и следната кампања.
Пред него е поставена една цел – да го освои трофејот во Лига Европа и на тој начин да го пласира Арсенал во Лигата на Шампионите.
„Тајмс“ информира дека Французинот нема намера да си оди сам по крајот на сезоната. Венгер рекол на своите помошници дека е уверен дека тој најдобро може да ги реши проблемите на тимот и ако сопствениците сакаат промена, ќе треба да го отпуштат.