Светскиот фудбал беше шокиран од настаните на Европското првенство, кога Кристијан Ериксен одеднаш падна во несвест на мечот Данска – Финска.
Данскиот фудбалер колабираше во 43-та минута од натпреварот, поради што лекарите се бореа за неговиот живот, а сега е откриено дека тој никогаш претходно немал проблеми со срцето.
Сепак, според „Дејли мејл“, откриено е дека Ериксен минувал медицински тестови секој пат во текот на претходните 11 години играње професионален фудбал.
Ериксен никогаш немал ниту еден проблем што може да укаже на срцеви проблеми, кои очигледно ги имал на мечот против Финска, кога лекарите морале да го реанимираат. Зборувајќи за Би-Би-Си, д-р Сем Мохидин опиша што најверојатно се случило на теренот.
„Звучи како да имал успешна реанимација и да го вратил нормалниот ритам на срцето поради дефибрилација, но има и други работи низ кои ќе мора да помине. Идниот ризик за некоја личност зависи до одреден степен од прецизната причина за срцевиот застој“ , вели Мохидин.
Од друга страна, познат професор по спортска кардиологија и доктор Санџеј Шарма вели дека прашање е дали Ериксен повторно некогаш ќе игра фудбал.
„Не знам дали некогаш повторно ќе може да игра фудбал. Без премногу ублажувања на нештата, но тој почина денес, иако на неколку минути, сепак почина и се поставува прашањето дали спортските професионалци ќе го пуштат да умре повторно? Одговорот е не“, јасно рекол Шарма за агенцијата ПА, а пренесе „Индипендент“.
„Мислам дека Фудбалската асоцијација на Англија е многу строга во врска со тоа дали тој би заиграл повторно или не. Да беше во Велика Британија, со сигурност немаше да игра повторно. Ние сме многу строги во врска со тоа“, рече Шарма.
29-годишниот фудбалер беше изнесен на носилки од стадионот „Паркен“ по долго укажување на помош, со цел да се стабилизира неговата состојба во болница. Неговите соиграчи го штитеа Ериксен за време на пренесувањето на телото, за да не се гледа неговата состојба, додека неговата девојка за време на шокантните сцени се симна на теренот, при што не можеше да ги скрие своите емоции и солзи.
Натпреварот Данска – Финска подоцна беше продолжен и заврши, а Финците славеа со 1: 0.