Дали фракциите во СДСМ ќе останат и по изборот на нов лидер? „Сегашните несогласувања не можат и понатаму да се буткаат под тепих“

од Nikola Popovski
1,6K прегледи

Бранко Црвенковски, Владо Бучковски, Радмила Шекеринска, Зоран Заев, Димитар Ковачевски…Во СДСМ очекуваат да се продолжи низата на лидери, овој пат можеби во најтешката ситуација со која некогаш се соочила една од двете најголеми македонски партии. Според кандидатите, Венко Филипче, Славјанка Петровска и Јован Деспотовски, состојбата во редовите на довчерашната владеачка партија е тешка, но сметаат дека претстојат промени и подобри времиња. Изборниот резултат сериозно ги разниша редовите на социјалдемократите, па оттаму во исчекувањето е големо за тој кој ќе биде новиот лидер.

Дали „розата“ ќе се врати наместо „тупаницата“? 

Дел од аналитичарите во земјава тврдат дека секое време носи свои ѕвезди, во споредба со претходните „тешкаши“ како претседатели на партијата. Новинарот и аналитичар Зоран Иванов во разговор за „Локално“ вели дека кога се партиите во прашање, нивните внатрешни состојби, кај нас нема традиција на анкетни провери на рејтинзите на кандидатите ниту пак нивни медиумски соочувања за да може да се направи по објективна анализа за тоа кој би бил фаворитот.

Зоран Иванов

-Што пак се однесува до терминот „тешкаши“, па и „тешкашите“ и победуваа но и трпеа изборни порази. Времето и изборите се мерилото кого ќе промовираат во „тешкаш’, а од кого, како сега, членството ќе бара брзо заминување, објаснува Иванов.

Дека за претседател на политичка партија е потребен и општ и внатрепартиски авторитет, тоа е несомнено, додава Иванов, но лидер не се станува со избор на функцијата претседател. Според него, партиски претседател ќе биде промовиран во лидер од членството и од пошироката јавност само по изборни резултати само кога партијата ќе се промовира во изборен победник и секако и доколку како лидер успее на подолг рок да ја на подолг рок да биде доминантна политичка сила во земјата.

-Секое друго само промовирање во лидер е само парада, тврди новинарот.

Околу тоа дали, кој и да биде избран за прв човек на СДСМ, останатите ќе застанат зад него или ќе видиме повторно поделеност во партијата која може подолго време да ја остави во опозиција, соговорникот вели дека како и во секоја средина, така и во политичките партии важен е колективот, а не поединецот. Но поединецот на челната партиска позиција е клучот за обезбедување единство.

-Прашањето на единството е прашање на внатрешно партиска политичка култура. Конкуренцијата, лобирањето, навивањето за кандидатите би требало да запрат во моментот кога изборот ќе заврши. Дали ќе биде така, а би требало, ќе покаже времето. На партиите им треба демократизација, континуирани јавни внатрешнопартиски полемики, лојалност спрема партијата и нејзините програмски цели, кадровска конкуренција, а не молк и турканици кој да дојде што поблиску до лидерот, оценува Иванов.

Од друга страна, како што доаѓа нова политика, посочува политичкиот аналитичар, Петар Арсовски, се менуваат и генерациите и во сите партии владеење мислење дека постарите биле поголеми „тешкаши“.

-Не сум сигурен дека тоа е целосна вистина, бидејќи се менува и политиката. Сега се решаваат други проблеми. Треба да ги споредуваме кандидатите еден меѓу друг, а не со нашата идеализирана претстава за претходните лидери, вели во разговор за „Локално“ во однос на состојбите на „Бихаќка“.

Петар Арсовски

Смета дека пред многу голем предизвик ќе биде СДСМ бидејќи очигледно дека нивното досегашно однесување, електоратот не го прифаќа.

-Прашање ќе биде колку тие можат да донесат суштинска и голема промена. Не оваа промена која ја верглаат на телевизија „Сфативме грешки и пораките“ – ништо уште не сфатиле, се уште е рано…Прашањето е колку новиот лидер може да донесе суштинска промена. Потребно е ребрендирање – ако успеат да донесат вистинска промена, имаат шанса да се борат со ВМРО, доколку не, ќе влезат во процес на пасокизација. Кога зборувам за промена, мислам на се – и на начин на однесување, креирање политики итн, тврди соговорникот.

Арсовски прави споредба и меѓу изборите во ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ кои се практикувале на различен начин.

-Кога ВМРО ќе избере нов лидер, ќе ги исчисти старите, а кај СДСМ кога ќе се избере, секогаш глумеле заедништво, односно проектирале дека сите ќе застанат позади лидерот, но фракциите останувале. Ако се следи империјата, поверојатниот исход е дека они ќе изберат нов лидер, другите противкандидати ќе кажат „добро, членовите кажаа“, но фракционерството ќе продолжи и само сегашните несогласувања ќе ги бутнат под тепих. Ако овој пат биде различно, ќе биде подобро за нив, дециден е аналитичарот.

Битиќи се откажа, дали уште некој ќе поднесе кандидатура?

Со оглед дека денеска е последниот рок за поднесување кандидатура, јавноста е во очекуваше на уште некое име кое ќе го земе своето место на ливчето на внатрепартиските избори. Од трката веќе се откажа пратеникот и член на СДСМ, Фатмир Битиќи. Вели дека сака спречи понатамошна фрагментација на членството на партијата, но во својот статус на Фејсбук споменува „групи и фракции“. Најавува фракционерско или делување како група во рамките на СДСМ, сè додека, како што наведува, кандидатот што ќе биде избран за претседател на партијата на дело не ги покаже сите оние вредности за кои тие се залагаат.

Покрај споменатите имиња, кандидатура поднел и Златко Ристовски, партиски активист од Битола.

Изборниот конгрес е закажан за 30-ти јуни, а на 9-ти социјалдемократите на Конгрес ќе ги анализираат сопсвените грешки за катастрофалниот изборен пораз. Рокот за поднесување кандидатури истекува на 6-ти јуни.

Н.П.

Слични содржини