Затечени од одлуката на Бугарија да воведе транзитна такса за пренос на гас , стопанствениците веќе прават проекции каков ќе биде ефектот од ваквата давачка врз нивните трошоци.
Она што во моментов за нив е единствено познато е дека во зимскиот период што следи, последици секако ќе има.
„Секое зголемување на цената на енергенсите влијае на цената на крајниот производ. Видно, од берзата на електрична енергија ќе се зголемуваат трошоците на компаниите во наредниот зимски период, а со гасната такса исто така ќе се зголемат производните трошоци и нашите производи ќе стануваат понеконкурентни. Зголемувањето на таксата пред претстојниот зимски период е голем удар за компаниите и ќе влијае на нивното рентабилно работење, ќе доведе до зголемување на трошоците, а тоа секако ќе има влијание врз платите на вработените или идниот развој на компаниите“, вели за „Локално“, Горан Антевски од Раде Кончар-ТЕП.
Анализите на професорот Горан Рафајловски велат дека воведувањето на транзитна такса за рускиот гас ќе ја зголеми цената на гасот за околу 15 % а тоа ќе влијае на работата на дел од компаниите во делот на нивните екстра профити.
Цената на гасот во моментов е релативно ниска вели тој и е неколкупати пониска од цената што беше пред почетокот на војната во Украина. Дециден е дека цената на електричната енергија за индустријата треба да се намали бидејќи е највисока во регионот.
„Компаниите сакаат да нема дополнителни такси и гасот да е евтин, а тој сега е шест пати поевтин од тоа што беше пред две години. Таксата ќе предизвика зголемувањето на цената на гасот за околу 15 % а тоа ќе влијае на бизнисот и нивниот екстра профит. Бизнисмените ќе бидат приморани или да се упатат на ЕУ фондовите, да се обидат да добијат течен гас по некоја друга поприфатлива цена или да бараат други извори на гас кој нема да е руски. Нашата потрошувачка на гас е многу мала а најпогоден ќе биде когонеративната централа Те-То. Во делот на ефектите врз граѓаните и домаѓинствата да не заборавиме дека цената на електричната енергија во Македонија е субвенционирана од државата и е релативно ниска во однос на цените во земјите од нашата околина и ЕУ. Ваквите социјални ефекти за домаќинствата, поддржани со енерегтската политика од страна на државата се добра мерка но од друга страна имаме највисока цена во регионот за индустриските потрошувачи. Доколку се спореди со цените во западните држави ќе се види дека цената е релативно висока што е многу лошо бидејќи цената не им дозволува раст и развој на домашните компании. Тоа треба да се смени. Цената на електричната енергија за индустријата треба да се намали“, вели во изјава за „Локално“, професорот Рафајловски.
Најавите за поведување спор пред меѓународните судови за Рафајловски се беспредметни бидејќи одлуката на Бугарија да ја воведе таксата за гасот од 10 евра по MWh е усогласена со ЕУ, во однос на цената одговара на таксите за пренос што ги наплаќаат систем операторите за пренос на енергија преку меѓудржавните интерконекции и е во насока на тоа да се намали испораката на руски гас во европските земји.
„Се работи за политика на цени на енергенси. Ако се погледнат цените некогаш и сега ќе се види дека со почетокот на кризата во Украина, цената на гасот беше 2200-2500 долари а сега е 470-650 доалри на 1000 метри кубни или 40-50 долари за MWh. Во моментов се работи за релативно многу ниски цени а оваа политика е усогласена со ЕУ. Воведувањето на оваа такса се користи како индиректен притисок на Гаспром и рускиот гас што има за цел да се намали неговата конкурентност така што ќе се зголеми цената. Со ваквите транзитни такси се овозможува да бидат конкурентни и другите извори на гас што сега ги спроведува ЕУ, со цел да се задржи ембаргото врз Русија заради војната во Украина“, објаснува Рафајловски.
За таксата што ја наметна Бугарија за рускиот гас, Владата веќе испрати допис до Европската комисија. Македонија инсистира на ослободување на капацитетите за да може да набавуваме гас од други извори, но доколку тоа не се случи, рече вицепремиерот Битиќи, последица ќе биде поскапа електрична енергија и зголемени трошоци за компаниите.
К.В.С.