Економскиот раст во источниот дел на Европската унија можеби достигнал врв во последниот квартал, откако покачувањето на платите создаде зголемена побарувачка и зголемување на нарачките од основниот пазар за извоз на регионот – еврозоната, пишува „Bloomberg“.
Невработеноста е на рекордно ниско ниво во регионот, и ова може да доведе до најновиот динамичен раст досега. Шест економии треба да објават официјални податоци, а од нив Чешка, Унгарија, Полска и Словачка го забрзале растот, а Бугарија и Романија најверојатно го забавиле темпото, покажуваат истражувањата на медиумот.
„Очекуваме високи броеви“, вели Золтан Арокзаласи, економист во Erste Bank во Виена, истакнувајќи дека регионот е блиску или достигнал врв на раст за овој циклус.
Поранешните комунистички економии добија раст од домашната побарувачка, поддржан од создавање нови работни места и соодветна монетарна политика која ја зголеми потрошувачката и ја намали зависноста од извозот.
Сите земји во регионот ја надминаа по раст целата еврозона, која најверојатно ќе објави раст од 2,7% во четвртиот квартал на 2017 година. Романија речиси сигурно ќе продолжи да е прва по раст со 7,3%, што е за 1,5% пониско од претходниот период.

Економиите работат со целосен (или дури и повеќе) потенцијал. Проширувањето е под прашање поради рекордно ниската невработеност и неможноста на компаниите да најдат квалификувана работна сила.
Централните банки во Чешката Република и Романија, најверојатно, ќе ја заострат монетарната политика, со цел да ги задржат буџетските дефицити под контрола. Во Романија, намалувањата на даноците и јавната потрошувачка имаат значително влијание врз растот.
Словачка може да биде исклучок благодарение на новата фабрика на Jaguar Land Rover Plc, која ќе го потхрани растот.
„Економските циклуси веќе почнуваат да изгледаат зрели и зголемувањето на инфлацијата и каматните стапки ќе имаат огромна улога врз домашната побарувачка“, вели Лиам Карсон, економист во „Capital Economics Ltd.“ во Лондон.