Хамас ги ослободи сите живи израелски заложници согласно со договорот за првата фаза од мировниот план на Доналд Трамп. Во Тел Авив силни емоции. Според договорот, Хамас треба да ги предаде и посмртните останки на останатите 28-мина, а за возврат Израел ослободува речиси 2000 палестински затвореници. Шефот на Белата куќа Трамп пред заминувањето на Блискиот Исток изјави дека војната во Газа е завршена. По обраќањето во Израелскиот Кнесет тој заминува во Египет на мировниот самит на кој претседава заедно со египетскиот колега за договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас.
Дали војната навистина е завршена и колку решението е долгорочно?
За дел од експертите, американскиот претседател не престанува да го изненадува светот. Според Дарко Тодоровски, Дарко Тодоровски, воен аналитичар и докторант на Руската претседателска академија за национална економија и јавна администрација, во желбата да ја добие „Нобеловата награда за мир“ Доналд Трамп и неговата администрација во претходниот период извршија силен притисок и врз Израел, и врз арапските држави, пред се Катар плус и Турција да го прифатат неговиот мировен план.
-Мировниот план на Трамп кој што на крајот беше прифатен и од Израел и од Хамас, и од арапските држави и Турција како гаранти на истиот, е во полза на Израел. Нетанјаху и Израел со помош на мировниот план на Трамп остварија пет стратешки цели:
1) Израел ги постигна сите свои воени цели во Газа 2) Враќање на заложниците 3) Крај на владеењето на Хамас во Газа 4) Периметарот во Газа останува под контрола на Израелската армија 6) никакво создавање на независна Палестинска држава, истакнува Тодоровски.
Според него, овој мировен договор е раскинување со политиката и преговорите што се спроведуваа во избледена форма три децении со цел решавање на Палестинското прашање.

Дарко Тодоровски/Фото: Фејсбук
-Имено: обиди за решавање на две држави една до друга, засновани на принудување на Израел да направи некои територијални и суштински отстапки и помагање на Палестинците да создадат привид на функционална држава. САД под водство на Трамп целосно застанаа зад Израел, и со помош на булдожер дипломатијата извршија огромен притисок врз арапските држави, кои што му ја пренесоа пораката на Хамас, “Ова е најдоброто и конечно решение. Друго решение нема да има. Земете или соочете се со реалноста”. Овој договор е дел од пошироката стратегија на Трамп за Блискиот Исток, започната уште за време на првиот негов мандат. Се работи за Абрахамовите договори, кои што се серија договори за нормализирање на односите меѓу Израел и неколку арапски држави, потпишани во 2020-2021 година. Тогаш ОАЕ, Бахреин и Мароко склучија мировни договори со Израел и воспоставија дипломатски односи. 15 арапски држави и до ден денес не го признаваат Израел. Трамп сака после потпишувањето на Мировниот договор за Газа, да ги продолжи Абрахамовите договори, за меѓусебно признавање помеѓу Израел и преостанатите арапски држави. Со посредство на САД се водат преговори помеѓу Израел и арапските држави. Во таков случај, Нобеловата награда за мир на Трамп идната година не му бега од рацете, оценува Тодоровски.
Сепак, соговорникот оценува дека ова решение не е долгорочно и е времено, бидејќи, како што вели, не ја решава суштината на самиот проблем.
-Израел, без разлика кој е на власт, по никоја цена не сака да дозволи создавање на Палестинска држава, а Палестинците нема да се смират се додека не добијат своја држава. И во минатото Израел и различните палестински движења на Западниот Брег и во Газа постигнуваа различни мировни договори, кои што на некое време го смирува конфликтот, но истиот потоа се разгоруваше со уште поголема жестина и бруталност од двете страни. Пред се мислам на Договорите од Осло во 1993 година. Главната шанса за долготраен мир беше испуштена во 2000 година, кога Самитот во Кемп Дејвид во 2000 година можеше да биде историски за ставање крај на конфликтот помеѓу евреите и палестинците, но тогашниот отказ на Јасер Арафат во голем дел ја предодреди иднината на конфликтот, објаснува Тодоровски.
Во однос на видеото на Трамп од февруари, генерирано од вештачка интелигенција, за тоа како би можела да изгледа Газа по реконструкцијата, аналитичарот тврди дека истото е тешко изводливо од историски, логистички, геополитички карактер.
-На такво нешто не би се согласиле ниту Израел, ниту Палестинците, ниту богатите арапски држави. Градот Газа и Појасот Газа се силно разрушени, и ќе бидат потребни огромни финансиски средства и време за Газа да се обнови. Главното прашање е кој ќе плати за обновата на Газа. САД нема да платат, и најверојатно тие ќе ги принудат богатите заливски монархии да го понесат главниот финансиски товар за обновата на Газа и враќањето на животот во некоја нормала. Но за тоа ќе бидат потребни години. Трамп тогаш веќе нема да биде во Белата Куќа, а Блискиот Исток е регион кој што никогаш не мирува, потенцира Тодоровски.
Војната во Газа е завршена, изјави вчера шефот на Белата куќа. Трамп во Кнесетот пречекан со овации, но и дофрлувања од левичарски пратеници.
„Ова не е само крај на војна, ова е крај на ерата на терор и смрт, и почеток на ерата на вера и надеж, и на Бога. Тоа е неверојатен триумф за Израел и светот. Ова ќе се памети како моментот кога се почна да се менува кон подобро“, рече Трамп.
„Вие, господине Претседателе, ќе бидете врежани во нашата историја. Колку долго чекавме на овој момент и сме посветени да ги вратиме сите. И би сакал лично да ви се заблагодарам, и во име на целата нација“, порача премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху.
Во Египет, мировен самит со кој претседава Трамп заедно со египетскиот колега за договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас. На самитот учествуваат над 20 светски лидери.
Н.П.