Дали Камчев донирал за ВМРО-ДПМНЕ, а Мицкоски попречувал правда?

од Vladimir Zorba
448 прегледи

По новите аудио снимки објавени на интернет денеска во кои „главни ѕвезди“ наводно, повторно се лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, обвинетиот за случајот „Рекет“, Зоран Милески Кичеец и Слободанка Алексовска, државна функционерка во поранешното владеење на ВМРО-ДПМНЕ и наводно вработена во „Систина“, во јавноста со право се поставува прашањето: „Дали Камчев донирал за ВМРО-ДПМНЕ, а Мицкоски попречувал правда?“

Бизнисменот, според она што можеме да го слушнеме во „аудио-бомбата“, ја спасил партијата од долгови, и тоа основните, за струја, вода, парно, интернет. Се добива впечаток дека ако не бил Камчев да покаже финансиска наклонетост кон партијата, тогаш ВМРО-ДПМНЕ немала да може да функционира.

На снимката објавена денеска Мицкоски повторно разговара со Кичеец и со Алексовска и вели дека Камчев му подал рака и ги подмирил сите долгови. Дали како против услуга, тоа останува да откријат правосудните власти, Мицкоски им признава на соговорниците дека тој и ВМРО-ДПМНЕ застанале против Законот за Јавно обвинителство за да го спасат бизнисменот од делото „Империја“ отворено од СЈО и уште неколкумина други бизнисмени кои вршеле финансиски проневери.

Враќајќи се наназад, ВМРО-ДПМНЕ неуморно во парламентот преку пратениците се обидуваше да го опструира носењето на Законот за Јавно обвинителство, дури и со уцени и закани кон дел од пратениците да не го гласаат. Но, законот сепак помина. Како што вели наводно тој во снимката: „Овој закон, ако помине вака како што мислат да помине за јавно обвинителство, тој предмет не е завршен. Напротив. Да знаете. Единствен којшто се бори во моментов сум јас“.

Во однос на долговите, пред една година, за време на претседателските избори, ВМРО-ДПМНЕ ја остави сметката со неплатени 400 000 евра за кампањата на Гордана Силјановска-Давкова. Официјално партијата тие пари ги должи на една фирма за изработка на маици со партиски симболи, која пак материјалите ги набавувала од фирма на Орце Камчев.

Снимките денеска дадоа малку повеќе јасност за врските на Мицкоски со Камчев и Кичеец, иако и двајцата постојано демантираат дека имаат било какви релации, а најмалку финансиски.

Оттука се јавува потребата јавноста да добие одговор на прашањето: Колку пари донирал Камчев во ВМРО ДПМНЕ, со каква цел и што морала партијата да стори за него? Понатаму, зошто ја попречувал правдата со опструирање на Законот за Јавно обвинителство? И на крајот најважното, дали ваквата блискост со Камчев и Кичеец го прави Мицкоски учесник во коруптивниот скандал „Рекет“?

Инаку овој аудио материјал е објавен на истиот канал на Јутјуб „Рекет“, каде што и вчера беше објавена снимка. На таа снимка наводно се слуша како Мицкоски му вели на соговорникот дека треба да имаат директна комуникација, а не преку посредници на што Милески му вели дека тој е извршител и дека кога ќе му даде задача тој ќе ја изврши. Мицкоски, како што се слуша во разговорот, му вели на Кичеец дека го имаат сликано како влегува кај бизнисменот Орце Камчев додека бил под ПИ мерки, на што се надоврзува женски глас “кога беше кај нас го имаат сликано како доаѓа“.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја потврди автентичноста на разговорот меѓу него и и Зоран Милески – Кичеец, објавен на Јутјуб, оценувајќи дека се работи за монтажа на актуелната власт.

Слични содржини