Дали ќе се крене бугарското вето?

од Берта Китинска

Доколку се има политичка волја, има доволна основа да се постигне договор. Ние имаме волја, спремни сме веднаш да продолжиме со разговорите, вели шефот на дипломатијата Бујар Османи на прес-конференцијата во Скопје со хрватскиот колега Гордан Грлиќ Радман.

-Чекаме друга страна да имаме волја за да продолжиме со тие разговори. Ние не одбројуваме денови, туку ЕУ, за тоа каква порака ќе прати на граѓаните на Западен Балкан. Од нас не се очекува да донесеме одлука. Сметам дека има доволно денови и основа доколку се има политичка волја, кажа Османи.

Тој напомена дека граѓаните на Бугарија не сакаат да бидат кочничари на европската иднина на 18 милиони луѓе.

-Очите на 18 милиони луѓе се вперени во Софија каква одлука ќе донесе за почеток на преговори на Северна Македонија и Албанија со ЕУ, кажа Османи.

Претседателот на бугарската партија „Има таков народ“, Слави Трифонов со нов статус го нападна бугарскиот премиер, Кирил Петков.

Петков му ветил на еврокомесарот Оливер Вархеји дека ќе го тргне ветото за Македонија за почеток на пристапни преговори со Европската унија (ЕУ), а притоа сакал да направи отстапки за македонскиот јазик.

„Денеска имаше седница на Народното собрание. Голата вистина излезе на виделина. Премиерот на Бугарија сакал да изврши национално предавство. Предство кон Бугарија и Бугарите. Сакал да го тргне ветото без Северна Македонија да ги исполни условите. Исто така, Кирил Петков и Весела Чернева обезбедиле отстапки за правата на Бугарите во Северна Македонија и отстапки за т.н. ‘македонски јазик’“, објави Трифонов.
Тој деновиве ја напушти владината коалиција.

Бугарскиот премиер Кирил Петков испрати предлог со кој практично целосно се ревидира Рамковната позиција донесена од Народното собрание и Владата на Бугарија, но тој беше одбиен од МНР, рече шефицата на бугарската дипломатија во оставка Теодора Генчовска на сослушувањето пред пратенциите во Парламентот во Софија за преговорите со Македонија.

Генчовска, како што јави БГНЕС, оцени дека преговорите напредуваат, но има и прашања кои остануваат отворени за решавање. Еден од нив, како што наведе, е „формулацијата на т.н. македонски јазик во историска и етничка смисла“.

– Уште кога ја презедов функцијата министер за надворешни работи, на првата средба со министерот за надворешни работи на Република Македонија, Бујар Османи, кажав: комуницирајте само со мене. За жал, тоа не се случи. Претставниците на РСМ продолжија да бараат контакт надвор од МНР со цел да се отстрани клучното бугарско барање – Механизмот за следење на спроведувањето на Договорот за добрососедство од 2017 година – рече Генчовска.

На 5 април годинава, како што посочи таа, советникот за надворешна политика на премиерот испратил нацрт за ажурирање на Рамковната позиција, којшто сугерирал ревизија на националната позиција на Бугарија.

– Нацртот на таа нова Рамковна позиција не го вклучува бугарскиот став за т.н. македонски јазик. Барањето за европски гаранции во однос на Договорот од 2017 година станува неодржливо. Практично, овој проект ги комбинира парцијалните идеи на МНР за имплементација на билатералниот договор, но без јасен механизам за спроведување на договорот. МНР оцени дека документот е целосно погрешен и го отфрли како можност – рече Генчовска.

Според неа, главниот проблем бил што додека МНР се обидувало да преговара, на друго место се создавал впечаток дека Бугарија може да се согласи и на помалку и оти е подготвена за отстапки.

Таа наведе дека има четири теми за кои треба да се направи напредок за да се заштитат бугарските национални интереси: имплементација на Договорот од 2017 година, вклучување на Бугарите во Уставот на РСМ, зачувување на бугарската позиција за јазикот на соседната земја и вклучување на гаранции за сите овие прашања во преговарачката рамка на ЕУ со РСМ.

Слични содржини