Дали Македонија е безбедна како што тврдат властите: „Состојбата е стабилна, но безбедносните служби мора да бидат будни“

од Nikola Popovski
394 прегледи

Како држава Република Северна Македонија во моментов не стравува од какви било оружени инциденти на наша територија. Првиот човек во одбраната, Славјанка Петровска денеска потврди дека последните случувања во регионот, но и конфликтите во Украина и Газа, не претставуваат опасност за нарушување на стабилноста и безбедноста на земјава. Сепак, вели дека од политички аспект постои загриженост за секој обид за дестабилизација без разлика дали тоа ќе биде од помал или од поширок обем. Според нејзините зборови, геополитичкиот пејсаж се менува брзо, а заканите со кои се соочуваме се динамични и брзи.

Безбедносната состојба во земјава е стабилна, но будно се следат настаните во соседството сметаат добрите познавачи. Националниот координатор за гранично управување и универзитетски професор, Владимир Пивоваров во разговор за „Локално“ вели дека врз безбедноста влијаат многу чинители. Според него, само доколку ги разработиме сите индикатори, по направена добра анализа, дури тогаш можеме со повисок степен на веројатност да донесеме заклучок дали има или нема закани по нашата држава.

Владимир Пивоваров

-Во конкретнава ситуација во предвид треба да ги имаме и претходните случувања во тој дел од поширокиот регион каде одреден број на лица од нашата држава заминаа на ратиштата приклонувајќи се ИСИС, добивајќи обука и практична обука на бојното поле. Таквите луѓе еден дел се вратија дома од кои мислам најголемиот дел им се познати на службите, некои од нив веќе се на издржување на затворските казни, но оној мал процент од истите не се процесуирани. Имајќи ја во предвид нивната определба тие во секој момент се директна или индиректна закана за државата. Генерално може да се надеваме дека состојбата е стабилна, но сепак безбедносните служби мора да бидат „ будни“ со цел навремено превенирање на можните закани. Апсолутно е точно дека е дека геополитичкиот пејсаж се менува од ден во ден, а заканите со кои се соочуваме се динамични и брзи што бара сериозна претпазливост, истакнува Пивоваров.

Околу тоа што се случува во поширокиот регион, пред се мислејќи на војните во Израел и Украина, соговорникот вели дека истите претставуваат еклатантен пример на тешко нарушување на меѓународното право, а оној ден кога меѓународното право ќе биде целосно погазено се влегува во најнепосакуваното сценарио, а тоа е хаос во кој најголема штета ќе имаат малите земји.

-Секако тоа е и еден лајтмотив земјите согласно своето определување да стапуваат во воени и економски сојузи. Дури сега треба да ни е јасно колку голема придобивка за нашата земја е полноправното членство во НАТО сојузот. Токму ваквиот сојуз е гарант за тоа дека каква и да е заканата не сме сами. Доколку уште талкавме и останевме сами дури тогаш ќе беше поразително за нашата земја, потенцира Пивоваров.

Оценува дека кризата во Косово трае со години и постојано претставува латентна опасност за избувнување на воен конфликт. Сепак, нагласува националниот координатор, американската и ЕУ дипломатија прават сериозни напори за намалување на тензиите помеѓу Косово и Србија.

-Секако конфликт во соседството би претставувал и сериозна безбедносна закана за целиот регион. Впрочем сведоци сме на две илјадитите години кога конфликтот се прелеа и кај нас, потсетува тој.

Македонија се вооружува со опрема, како нови дронови, хеликоптери, американски возила, на што Пивоваров порачува дека доколку поседуваме современа, па дури и најсовремена опрема за војување како мала држава, нема да бидеме во можност самите да се одбраниме од можниот агресор.

-Затоа потенцирам дека членството во НАТО сојузот е нашата безбедност, а набавката на воена одбранбена  опрема е наша стратегија во согласнос со НАТО партнерите, ни рече соговорникот, додавајќи дека во денешно време најголема закана за секое општество се сајбер заканите.

-Затоа во сите земји големо внимание се посветува на можните сајбер закани.Нашата земја по ова прашање има сериозен пристап. Овие капацитети од сајбер заканите постојано се зајакнуваат а капацитетите за навремен одговор на сајбер заканите е зависен од секој случај поединечно, заклучува тој.

Денеска се одржува 20. јубилеен министерски состанок во Скопје на кој учествуваат министри за одбрана и високи претставници на земјите – членки и земјите – набљудувачи на САД – Јадранската повелба. Помошник секретарката за одбрана на САД, Селест Валандер вели дека се посветени на обидите да придонесат за стабилноста на Западен Балкан и на европската и светската безбедност. Според него, САД прават обиди да се надминат слабостите во регионот коишто би можеле да бидат злоупотребени за дестабилизација и отворање на нови конфликти.

Ова следува откако денеска претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека Русија „може да создаде нови кризи на Балканот и во Молдавија“ со цел да го оттргне вниманието од војната во Украина.

-Денес сите зборуваат за кризата на Блискиот Исток. Но, како што искрено кажав, овој проблем не е од вчера. Не е ниту од завчера. Сите знаат за овој долгогодишен конфликт и војна, но никој не сака да стави крај. Ние сме сигурни, на Блискиот Исток Русија стои зад војната со нивниот сојузник Иран, рече Зеленски, пренесе украинската агенција Интерфакс. Тој додаде дека „треба да обрнеме внимание на Балканот“.

-Верувајте ми, добиваме информации – Русија има долгорочен план. Блискиот исток, ќе биде и Балканот, ако светските сили не направат ништо сега, ќе има нова експлозија, кажа Зеленски.

Н.П.

Слични содржини