Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, во саботата објави дека нивото на Килијан Мбапе се зголемува со секој одигран натпревар и дека капитенот на француската репрезентација „се обидува да преземе сѐ поголема одговорност“, пренесе АФП.
По тешкиот почеток и долгиот период на сомнеж, Мбапе сега е најдобар стрелец на Реал Мадрид во сите натпреварувања со 16 гола, а постигна гол и на последните два натпревари против Барселона и Селта Виго.
„Дали Мбапе станува лидер? Не знам, но верувам дека секој ден се обидува да преземе сè поголема одговорност во играта. Неговиот став добро го гледаме и надвор од теренот, тој е достапен во секое време и скромен. Како што кажав пред еден месец, неговиот период на адаптација е завршен и неговото ниво се подобрува натпревар по натпревар“, изјави Анчелоти на својата прес-конференција пред натпреварот со Лас Палмас.
Италијанецот потврди дека тешкиот пораз од Барселона (2:5) во финалето на шпанскиот Суперкуп е „негова одговорност“, но не се согласи со тврдењето дека неговиот тим е слаб.
„Ве уверувам дека сме живи и ќе се бориме до крај на сите турнири“, вети тренерот.
Анчелоти откри дека австрискиот дефанзивец Давид Алаба е многу блиску до враќање на теренот, а би можел да добие минутажа во недела против Лас Палмас. Ова ќе биде повеќе од една година откако го повреди коленото.
„Алаба е добро, вчера одигра 40 минути и има добри чувства. Ќе биде во групата, нема да биде стартер, но може да одигра неколку минути“, смета тренерот.