Расправија на повисок тон со раководните лица била причината за три медицински сестри од инфективната клиника во Скопје да си дадат отказ од работа, потврд министерот за здравство, Венко Филипче кој утринава се сретнал со сестрите кои моментално се на одмор и на кои им тече отказниот рок.
По завршувањето на одморот ќе одлучат дали ќе ги заборават кавгите со дел од лекарите и ќе се вратат на клиниката. Нивните отказни барања синоќа завршија на социјалните мрежи и предизвикаа бура од реакции.
Министерот не знае дали успеал да ги предомисли, но на утринскиот состанок со нив им укажал дека ја разбира нивната нервоза и премореност. Вели дека не планирале да одат во приватна болница.
„Свесен сум дека работат под притисок, дел од нив се исцрпени, често работат по 24 часа, и една стресна ситуација доведува некогаш и до немили ситуации, како што бил случајот сега, комуникација на повисок тон. И утрово ми кажаа дека сега апсолутно сите жалат. Ќе направам се за да не дозволам било кој од јавното здравство да замине поради проблем кој може да се менаџира. Се сложија дека ќе го искористат одморот, а потоа ќе се договориме за начинот на кој ќе бидат вклучени во битката со коронавирусот“, изјави Венко Филипче, министер за здравство.
Од Унијата на здружение на медицински сестри бараат да се донесе закон и да сер угилира дејноста на медицинските сестри. Во вакви услови голем дел од работите ги работат сестрите и углед на оваа професија е целосно уништен, вели Гордана Бешлиовска претседател на унијата. Од унијата најавуваат дека ќе има ново заминување на медицински сестри во земјите на западна Европа.
Отказите на трите медицински сестри доаѓаат во време на пандемија со коронавирус кога Инфективната клиника заедно со ГОБ “ Септември“ се главните установи за лекувањето на пациентите со Ковид-19.