Системот очигледно не функционира изминативе децении и за тоа виновни се сите политички партии, констатираше вчера првиот социјалдемократ Венко Филипче и уште побара лидерска средба со премиерот Христијан Мицкоски која денеска ќе се одржи во зградата на Владата. Лидерот на опозицијата предлага да се разговара за образованието, здравството, реформите во правосудството кои, како што вели Филипче, треба да се донесат со силен консензус, за животната средина и за департизација и деполитизација на институциите. Потребно е сите заедно да работиме за доброто на државата, сметаат од „Бихаќка“.
-Ако има план, подготвен сум за средба со Филипче. Не може преку медиуми да се разговара за сериозни теми бидејќи не ни треба естрада, одговори вчера премиерот Мицкоски. Филипче вели дека ја следат истрагата за трагедијата во Кочани, особено дава поддршка на Јавното обвинителство, но смета дека МВР потфрлило со истрагата. Се согласува дека истрагата за пожарот треба да заврши, па потоа да се дебатира на анкетна комисија во Собранието. Мицкоски пак посочи дека владината коалиција функционира беспрекорно, а дека јавните препукувања меѓу Милошоски и Филков ги оцени само како лош ден за двајцата.
Што ќе донесе лидерската средба?
Дел од јавноста не очекува ништо посебно односно само поставеноста на лидерот на СДСМ кој го очекува внатрепартиски избор. На прашањето дали минималната плата е најголемото прашање за кое ќе се дебатира и дали е тоа најитното прашање, политичкиот аналитичар Александар Ристевски не верува дека минималната плата ќе биде основа за разговорите, затоа што нема политичар кој ќе донесе одлука да плати одеднаш со декрет се кренат 35%.

Александар Ристевски
-Која сака нека е на власт, покачување одеднаш од 22500 на 30000 нема да изгласа. Влада направи добар чекор што рече доколку стопанството се согласи, во ред. И што рече дел од реалниот сектор? Може ама владата да субвенционира за придонесите. Значи, не. И тоа е тоа. Најитно е да се реформира системот, да се воведат стандарди во секоја општествена сфера, и јасни контролни механизми. Да станеме држава, со сите аршини, вели Ристевски за „Локално“.
Околу евентуален договор за предвремени парламентарни избори, Ристевски вели дека не знае што би донеле истите.
-СДСМ нема да порасне ич, дури и е можно да падне дополнително. ВМРО во најмала рака би го повторил резултатот плус минус. Можеби некакво придвижување кај другите партии, но сега за сега не гледам значајни поместувања на самата политичка сцена. На крајот на краиштата, има стабилно парламентарно мнозинство и мандар уште 3 години и кусур, а локалните избори се на есен, оценува соговорникот.
Се поставува и прашањето дали е потребен некаков консензус во борбата против корупцијата, за која секојдневно се обвинуваат и двете страни. Според Ристевски, СДСМ и ДУИ, па и дел други би требало да прифатат да се откажат од голем дел од своите перјаници и големци, кои дефинитивно треба да бидат процесуирани.
-Дури и би настрадале и дел актуелни експоненти. ВМРО-ДПМНЕ делува многу по фанатично и решително по тоа прашање, па дури и да се работи за сопствени поранешни или актуелни експоненти. Барем така делува. Ќе видиме на дело. Проблемот и не е само високо горе, туку и внатре во самите пори на системот. Ќе видиме дали ќе успееме сите како општество да се надминеме себе си и да почитуваме закон. За се. Почнете од бучава, сообраќај, хигиена, обиди да нешто направите преку ред… се на купче, посочува аналитичарот.
-Не знам што би правеле на лидерска средба кога институциите беспрекорно работат, тоа би било само губење време, изјави претходно претседателот на Алијанса за Албанците (АА) и министер за здравство, Арбен Таравари во врска со предлогот на Филипче.
„Ние сме заинтересирани да се решат проблемите што ги имаме како институции, неуморно работиме секојдневно и тоа би било само губење време. Сметаме дека постојат институции што функционираат, дека не е моментот и не знам што би правеле на лидерска кога институциите беспрекорно работат и за здравјето на овие луѓе и за третманот, но и за да се најдат виновниците на овој случај, како и на останатите со оглед дека ова е четврти случај за пет години“, рече тој пред неколку дена.
Филипче пред неколку дена на Донаторската вечер за помош на семејствата на настраданите и повредените во пожарот во Кочани најави дека оваа недела во Собранието ќе ги повика на средба лидерите на најголемите политички партии. Сепак закажана е само средба со шефот на Владата, а не и со останатите лидери на партии.
Н.П.