По трагичниот настан во Кочани, во јавниот простор и на социјалните мрежи циркулираа бројни информации, од кои дел непроверени, неточни или извадени од контекст. Сите новинарски здруженија апелираа на внимателност и одговорност при споделувањето и пренесувањето информации, како од страна на медиумите, така и од граѓаните кои активно комуницираат на дигиталните платформи. Истото го бараа и од Владата, да не се шпекулира со непроверени информации и да се известува принципиелно.
Во Србија видовме дека претседателот, Александар Вучиќ во придружба на поголем број новинари, сниматели и фоторепортери ги посети државјаните на Македонија кои се повредени во пожарот. Независното здружение на новинари на Србија (НУНС) најостро го осудува овој постапка кој покрај тоа што е етички недопустливо, и ги загрозува животите на тешко повредените. Посочија дека злоупотребата и манипулацијата со чувствата на жртвите и нивните блиски е кршење на новинарската етика. Иако кај нас членовите на Владата и премиерот Христијан Мицкоски не објавуваа фотографии и снимања на пациентите, ги посетија хоспитализираните и порачаа дека не прават ПР од сето тоа. Дел од јавноста продолжи да критикува и запраша дали трагедијата во Кочани се користи за себе промоција.
За дел од експертите апсолутно е надвор од секој разум да се помисли дека било кој може да ја користи ова трагедија за било каква промоција или кревање на рејтинг. ПР-експертот Синиша Пекевски смета дека институциите добро реагираа во најкритичните моменти и се справија добро со трагедијата. Според него, одредени моменти во наредните денови беа пренагласени и смета дека не требаше јавноста да биде информирана, ама веројатно се сакаше да се покаже дека се грижат и мислат на се.

Синиша Пекевски
Во разговор за „Локално“, потенцира дека одредени моменти беа пренагласени и смета дека јавноста не требаше да биде информирана со слики и видео за средбата со сопругата на возачот на брзата помош кој почина од стрес и требаше да му се одаде почит во тишина, како и средбата со младиот дечко од Виница кој спаси млади луѓе.
-Се тоа требаше во тишина да се направи или само со некоја информација до јавноста без слики и видеа, истакнува соговорникот.
На прашањето дали медиумите да бојкотираат вакви „активности“, Пекевски истакнува дека медиумите самите одлучуваат што ќе пренесуваат и покријат.
-Не би рекол дека настаните и активностите на владата, премиерот се егзибиција и секако медиумите одлучуваат што ќе покријат или не. Бојкот секако не е решение, туку само селекција на настани и активности што сметаат дека треба да се покријат, а не по дефолт да покриваат настани, советува Пекевски.
Од друга страна, комуникологот Бојан Кордалов е убеден дека регулативата која што се однесува на медиумите, а особено само регулацијата се доволно познати и дека се што се прави треба да биде во согласност со тие преземени обврски. Верува дека медиумите преку професионалните здруженија и тоа како ги следат ваквите работи и треба да носат брзи насоки што во одреден дел видовме како се случува.
-Навистина медиумите, огромен дел од нив покажаа голема спремност, подготвеност и професионалност во она што се нарекува известување и покривање на целокупниот настан кој што навистина е трагичен, но кој што без медиумите, можеше да заврши многу пострашно, посочува Кордалов во разговор за „Локално“.

Бојан Кордалов
Според него, институциите во државата се на сите и тие мора да преземаат активности, да излегуваат секој ден и да дејствуваат бидејќи тоа е идејата и за тоа се платени.
-Доколку Владата и партиите создаваат политизација, новинарите ќе си одлучат по сопствено и професионално убедување што треба да прават. Самите закони ако не се почитувани, си постои процедура. Важно е да нагласиме дека се очекува институциите да постапуваат бидејќи независно кој е на власт, се нештото што го плаќаат граѓаните и кое што треба да ги разрешува работите и да превенира во други околности, дециден е соговорникот.
Во ситуација на сериозна и тешка трагедија која што е на ранг на национална, нагласува Кордалов, генерално се покажа една доза на созреаност и една доза на вистинска поставеност. Тој ја поздравува улогата на медиумите во оваа ситуација бидејќи, како што вели, нешто што видовме во многу кризи наназад, се покажа дека медиумите имаат стандард и начин како да го прават тоа.
-Она што е потребно да го разбереме како поединци, а потоа и како носители на надлежности и функции, е да се биде човечен во вакви ситуации. Секоја институција и секоја личност која што гледа политички и лични поени, навистина не е на висина на задачата и прави штета која што не е само на луѓето кои се директно инволвирани во трагедијата туку е штета која ќе биде во целото општеството. Младите луѓе покажаа дека се отпорни на такви работи и се покажа дека навистина созреваме и бараме работите да се променат. Мораме да разбреме дека сите овие работи не смеат да се повторат. Ако продолжиме само со поделби, говор на омраза и капитализирање на некоја несреќа, дефинитивно ќе гледаме само полоши сцени во државата, ни рече комуникологот.
Трагедијата во Кочани ја покажа на виделина целата импровизација во која живееме до децении. За жал политичките партии без исклучок се обидуваат да ја искористат во обиди за собирање на поени, изјави за „Локално“ експертка за односи со јавност во македонска компанија која сакаше да остане анонимна поради разбирливи причини.
Според неа, сериозни држави во вакви моменти се екипираат и ги насочуваат своите ресурси кон две работи, грижа за повредените и брза истрага.
-ПР во случајот кризен е дел од овој процес и има функција да ги поврзе сите релевантни чинители, да создаде модели кои ќе дадат одговор на одредени предизвици во општеството и ќе овозможи ефективна комуникација со јавноста. Ако комуникацијата не е во таа насока станува збор за пропаганда која служи на личните интереси на политичарите и е со краток ефект, наведува експертката.
Во првите денови по трагедијата, Владата посочи дека биле почитувани сите здравствени протоколи при посетата на хоспитализираните. Тогаш од владината Служба за односи со јавноста испратија фотографии на кои не им се гледаат лицата на пациентите, а функционерите носат само заштитни маски. Од посетата на Мицкоски на Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“, беа испратени фотографии од премиерот со заштитна наметка и маска на лицето, без фотографии од болнички соби.
Премиерот вчера се сретна со младиот Јован Костадинов кој спаси 21 лице од огнената стихија во Кочани. За средбата извести Мицкоски на неговиот службен профил на Фејсбук. Притоа, како вели, на Костадинов ќе му биде доделена стипендија од „Алкалоид“ како знак на признание за неговата храброст и човечност. Претходно Мицкоски беше во посета кај семејството на починатиот возач на Брзата помош, Иле Гочевски кој што превезуваше повредени од кочанската дискотека. Сподели со јавноста дека во време кога тагата не престанува, подвигот на Иле потсетува дека храброста и човечноста живеат во нашите луѓе.
Н.П.