Дали мигрантската криза ќе ја докрајчи ЕУ?

од desk2
251 прегледи

Можеби евроскептиците обожаваат да кажуваат дека ЕУ е во неволја, но додека лидерите се собираат во Брисел за летниот самит, и посветените еврофили исто така алармираат.

 

„ЕУ станува сѐ поранлива“, предупреди шефот на Европската комисија Жан-Клод Јункер. „Пукнатините се шират.“

Во изминативе неколку недели вниманието го одземаше новата италијанска влада и нејзиното скандалозно одбивање да ги прифати спасувачките бродови со мигранти. Сепак, проблемот со миграцијата ја „нас’ска“ Јужна Европа против Северна.

Италија и Грција уште се огорчени бидејќи беа оставени сами да се справуваат со надоаѓањето на мигрантите. Во меѓувреме, северните земји ги обвинуваат јужните дека не патролираат доволно на нивните медитерански граници и дозволувале мигрантите „да се протнат“ кон север и побогатите Германија, Австрија и Шведска.

Миграцијата ја кине Европа и во насока исток-запад.

Поновите земји-членки од Централна и Источна Европа никогаш не се обврзаа на повоената визија „еден за сите, сите за еден“. Кога станува збор за солидарност и споделување на бремето во ЕУ, тие се жестоки „неверници“. Одлучно свртија грб кога Италија и Германија бараа квоти за примање мигранти.

Меркел може да изгуби најмногу

Бројот на мигранти што нелегално влегуваат во Европа можеби е намален, но исто така опаѓа и толеранцијата на гласачите кон овој проблем. Подемот низ ЕУ на политичари кои се категорично против миграцијата ги окуражи тврдокорните лидери како унгарскиот Виктор Орбан и Австриецот Себастијан Курц кој во недела ќе го преземе шестмесечното ротирачко претседателство на ЕУ и ќе ја стави миграцијата на врвот на листата со приоритети.

„Држете ги подалеку“ е главната цел на Австрија и додека (сѐ уште) највлијателниот лидер во Европа, Ангела Меркел, пристигнува во Брисел каде ќе форсира и ќе се моли за компромис за споделување и превенција на напливот мигранти, расте бројот на ЕУ лидери кои ќе гласаат за одбивање на мигрантите.

Центри за мигранти надвор од ЕУ

Баш во стил на ЕУ, откако ќе се соберат сите на една маса во Брисел, лидерите несомнено ќе стават акцент на она што ги обединува, а не што ги разидува земјите членки.

Кога станува збор за миграцијата, ЕУ лидерите лесно ќе се согласат да се зајакне граничната служба Фронтекс.

Исто така, сѐ попопуларна е идејата за поставување на т.н. центри за истовар надвор од ЕУ каде ќе бидат идентификувани економските мигранти кои теоретски може да се враќаат назад во земјите од каде дошле. Оние со право на азил или статус на бегалци потоа ќе добијат безбеден и законски влез во Европа.

Исто така сѐ повеќе се разговара за поблиска соработка (читај: пари) со земјите од каде доаѓаат мигрантите и транзит-земјите (читај: Либија) од каде поминуваат мигрантите за да стигнат до бродовите за шверц на луѓе.

Балканските земји исто така се под сѐ поголем притисок да бидат терен за прифатни центри за мигрантите.

Меѓутоа, овие идеи се лесни за формулирање, а тешки за изведување во пракса.

А тоа нѐ враќа кон заканата за Шенген зоната.

Германски владини извори за BBC велат дека на проектот му даваат шанса за успех 3 од 10 поради сѐ понационалистичката природа на многу европски влади.

„Ако падне Шенген, тоа ќе биде почетокот на крајот за ЕУ“, предупредуваат тие.

Уште е рано да се навестува пропаста на ЕУ, па дури и крајот на кариерата на Меркел во владата како директен резултат на оваа политичка мигрантска криза во Европа. Но, како што рече американскиот претседател Доналд Трамп пред самитот на лидерите на ЕУ: „Ризикот е голем. А времето истекува.“