Дали Александар Николоски е организаторот на злоупореба на пациентите и објавување на списоци за гласање на болните во болницата во Струмица, прашаа денеска од СДСМ преку соопштение.
Од партијата на власт испратија уште неколку прашања до потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
-Дали по негова инструкција мајката на кандидатот за пратеник од редовите на ДПМНЕ – Петар Марков, Силвана Маркова вработена во ЈЗУ Струмица објавува списоци со болни луѓе за да може да се врши притисок истите да гласаат за ВМРО – ДПМНЕ? Дали е вистина дека вакви списоци има во сите институции каде ДПМНЕ има пристап?, велат од СДСМ.
Партијата на Димитар Ковачевски бара институциите итно да постапат по овој случај на злоупотреба и ќе ги информираат меѓународните партнери.
ВМРО-ДПМНЕ вчера ги демантираше објавените списоци и велат дека станува збор за класична монтажа и фалсификуван документ. Според партијата, „единствен кој злоупотребува болни во Македонија е СДСМ“.
-Втора злоупотреба на болни е кога СДС реши да профитира на модуларните болници, па поставуваше „картонски кутии“ како болнички објекти, кои во Тетово се запалија и одземаа живот на 14 наши сограѓани. СДС ги злоупотребува и болните од цистична фиброза, кои останаа без терапија, стои меѓу другото во партиското соопштение на партијата на Христијан Мицкоски.