Дали од 1. март граѓаните треба да стравуваат од ценовни шокови: „Недозволиво во држава со толку ниско ниво на животен стандард, да се плаќаат цени повисоки од соседството и од останатите земји-членки на ЕУ“

од Nikola Popovski
579 прегледи

Во петок, на 1-ви март истекува важноста на мерката „гарантирана цена“ и одмрзнување на цените. Според тоа, основните прехранбени производи ќе се продаваат по пазарни и регулирани уцени. Министерството за економија нема да повлече нов потег. Министерот Крешник Бектеши најави дека редот во нелојалната конкуренција ќе се става со носењето на законот за нефер трговски практики, кој според него ќе доведе и до намалување на цените на прехранбените производи. Законското решение со кое се воведуваат и фер практики помеѓу трговците и добавувачите во синџирот со земјоделски и прехранбени производи се очекува оваа недела да влезе во второ читање во Комисиите во Собранието. Сепак, додека се усвои ова решение, граѓаните стравуваат од нагло поскапување на храната.

Дали од петок нè очекува „бум“ во цените?

Покрај факторот цена на чинење на производот, во определување на крајната цена на производот влијаат и понудата и побарувачката. Со оглед на фактот дека инфлацијата во еврозоната е стабилизирана, а македонската економија ја следи динамиката на случувања на европските пазари, одмрзнувањето на цените на основните прехранбени производи, согласно овие трендови, не би требало да влијае на зголемување на цените на производите, вели во разговор за „Локално“, екс-министерот за финансии, Кирил Миноски. Меѓутоа, додава тој, секогаш останува просторот определени трговци и производители да ја искористат монополската или олигополската позицијата на пазарот и да предизвикуваат вештачко зголемување на цените преку намалување на понудата или преку решавање на сопствените проблеми со продуктивноста, на начин што ќе ја зголемуваат цената на производот.

Кирил Миноски

Според Миноски, доколку повторно се појават вакви тенденции, неопходна е брза реакција од страна на државните органи и користење на инструментите кои што им стојат на располагање, затоа што е недозволиво во држава со толку ниско ниво на животен стандард, да се плаќаат цени повисоки од соседство и од останатите земји-членки на ЕУ.

-Дали е правилен потег што мерката нема да продолжи? Се разбира дека во даден момент неопходно е да се остави пазарот да функционира слободно без ограничувања, меѓутоа одржувањето на ценовната стабилност и заштита на животниот стандард на населението е исто така приоритет, така да во случај на аномалии и несразмерно зголемување на цените, треба државните органи благовремено да реагираат. Затоа е неопходно и континуирано следење на движењето на цените на основните прехранбени производи на пазарот, објаснува поранешниот прв човек во ресорот финансии.

За долгонајавуваниот Закон за спречување нефер трговски практики, кој, според власта, ќе стави целосен ред, Миноски дециден дека е важно што државата презема активни мерки за спречување на злоупотребите на пазарот и заштита на потрошувачите.

-Со оглед на тоа дека станува збор за закон во којшто е транспонирана Директивата (ЕУ) 2019/633 на Европскиот парламент и на Советот од 17 април 2019 година за нефер трговски практики во односите меѓу претпријатијата во синџирот снабдување со земјоделски и прехранбени производи, воведувањето на законските прописи може да ги поттикне учесниците на пазарот да функционираат согласно на фер трговски практики. Времето потребно за да се почувствуваат ефектите ќе зависи од тоа колку брзо и успешно се имплементираат одредбите од законот и како трговците и потрошувачите ги прифаќаат истите, ни рече екс-министерот.

-Пазарните и трудовите инспектори ќе бидат на терен и за секое евентуално зголемување на цени што излегува од секоја нормална пазарна логика  соодветно ќе реагираме, најави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Битиќи порача дека „лекцијата е добиена и дека во државата, освен правење на бизнис и креирање на приход, мора да има морал и етика кај компаниите“.

-Сметам дека замрзнувањето на цените не е една од мерките кои што соодветствуваат со пазарната економија. Треба да се вратиме во нормалните текови на живеење, секако останува кај бизнисмените соодветно да се однесуваат, кажа вицепремиерот, одговарајќи на новинарски прашања.

Минималните трошоци на едно семејство во февруари се зголемени за 313 денари во однос на јануари, покажуваат податоците на синдикалната потрошувачка кошничка. Според денеска објавените податоци, вредноста на синдикалната минимална кошница во февруари изнесува 57.476 денари и во однос на јануари кога изнесувала 57.163 денари е зголемена за 313 денари. Ако се земе предвид дека минималната плата во државата е 20.175 денари тогаш повеќе од јасно е дека четиричленото семејство ќе мора да се откаже од многу и нема да има финансиска и куповна моќ дури и за основните продукти и намирници.

Н.П.

Слични содржини