Дали потоплото време навистина ќе го убие КОВИД-19?

од Vladimir Zorba
324 прегледи

Некои луѓе се надеваат дека епидемијата на новиот коронавирус ќе се намали со зголемувањето на температурите, но пандемиите честопати не делуваат како сезонски епидемии.

Би-Би-Си споделува што знаеме досега.

Многу заразни болести се намалуваат и исчезнуваат со доаѓањето на новата сезона. Грипот обично доаѓа со студените зимски месеци, како и норовирусот што предизвикува повраќање.

Други, како што се тифусна треска, врв го доживува во текот на летото. Случаите со сипаници доѓаат во текот на летото во места со поумерена клима, додека во тропските предели се појавуваат во текот на сушната сезона.

Можеби не е изненадувачки, многумина сега се прашуваат дали можат да очекуваат слична ситуација со КОВИД-19.

Бидејќи за прв пат се појави во Кина кон средината на декември, вирусот се прошири брзо, а бројот на случаи во моментов скокна најмногу во Европа и САД.

Многу од најголемите епидемии избувнаа во региони каде времето е постудено, што доведе до шпекулации дека болеста може да започне да опаѓа со доаѓањето на летото.

Сепак, многу експерти веќе предупредуваат дека нема премногу надеж дека вирусот ќе „умре“ во текот на летото.

И тие имаат право да бидат внимателни.

Вирусот што го предизвикува КОВИД-19 – чие официјално име е SARS-CoV-2 – е премногу нов за да има сигурни податоци за тоа како ќе се променат случаите со менувањето на сезоните.

Поврзаниот вирус САРС кој се прошири во 2003 година беше брзо запрен, што значи дека има малку информации за тоа како е засегнат од годишните времиња.

Но, постојат некои индиции засновани на други коронавируси што ги тера луѓето да се прашуваат дали КОВИД-19 на крајот би можел да стане сезонски.

Студијата спроведена пред 10 години од страна на Кејт Темплетон, од Центарот за заразни болести на Универзитетот во Единбург, Велика Британија, покажа дека три коронавируси – сите земени од пациенти со инфекции на респираторниот тракт во болници и здравствени центри во Единбург – покажале „изразена зимска сезонска форма“.

Овие вируси главно предизвикуваат зараза помеѓу декември и април – слична шема како кај грипот.

Четвртиот коронавирус, кој главно може да се најде кај пациенти со намален имунитет, бил многу спорадичен.

Постојат неколку рани навестувања дека КОВИД-19 може да варира и со доаѓањето на нови сезони.

Ширењето на епидемијата на оваа нова болест ширум светот се чини дека сугерира дека претпочита студено и суво време.

Необјавената анализа, која споредува временски услови на 500 локации низ целиот свет, каде се пријавени случаи на КОВИД-19, се чини дека постои поврзаност помеѓу ширењето на вирусот и температурата, брзината на ветерот и релативната влажност.

Друга необјавена студија откри дека повисоките температури се поврзани со помало појавување на КОВИД-19, но укажува дека само температурата не може да ја објасни глобалната варијација во бројот на случаи.

Уште една необјавена студија предвидува дека умерено топлите и ладни клими се најповолни за тековната епидемија, проследена со сушните региони. Тропските делови на светот веројатно ќе бидат најмалку погодени, велат истражувачите.

Но, без вистински податоци за тоа што навистина се случува во другите сезони, истражувачите се потпираат на компјутерски модели за да предвидат што може да се случи во текот на целата година.

Екстраполирањето на податоците за однесувањето на КОВИД-19 по сезони засновано врз ендемични коронавируси – што значи, вируси кои веќе некое време кружат меѓу човечката популација – не е лесно.

Она што го прави уште потешко е тоа што ендемичните вируси се сезонски поради голем број причини што во моментов не се применливи за пандемијата „КОВИД-19“.

Пандемиите често не ги следат истите сезонски обрасци кои се наоѓаат при понормални епидемии. На пример, шпанскиот грип например доживеа врв во текот на летните месеци, додека повеќето појави на грип се појавуваат во текот на зимата.

„На крајот, очекуваме да видиме како КОВИД-19 станува ендемичен“, вели Џен Алберт, професор по контрола на заразни болести специјализиран за вируси во Институтот Каролинска во Стокхолм.

И навистина би било големо изненадување ако тој тогаш не стане сезонски. Големото прашање е дали чувствителноста на овој вирус на годишните времиња ќе влијае на неговата способност да се шири во пандемиска ситуација. „Не знаеме со сигурност, но мора да имаме на ум дека тоа е можно“.

Затоа, треба да бидеме претпазливи кога го користиме она што го знаеме за сезонското однесување на другите коронавируси, за да ја предвидиме тековната пандемија на КОВИД-19.

Но, зошто поврзаните коронавируси се сезонски и зошто тоа ни дава надеж во случај на оваа епидемија?

Коронавирусите се семејство на т.н. „завиткани вируси“. Ова значи дека тие се обвиткани во наметка од масло, позната како липиден двослој, украсени со протеини што се испакнати како шила од круна, поради кои се именувани – корона на латински значи круна.

Истражувањата за други слични вируси сугерираат дека ова маслена наметка ги прави вирусите почувствителни на топлината од оние што ја немаат. Во постудени услови, маслената наметка се стврднува во гумена состојба, исто како што маста од варено месо се стврднува кога се лади, за да го заштити вирусот подолго додека не е во телото. Повеќето вакви вируси обично покажуваат силна сезонска состојба како последица на ова.

Истражувањата веќе покажаа дека Sars-Cov-2 може да преживее и до 72 часа на цврсти површини како што се пластика и нерѓосувачки челик, на температури од 21 до 23 Целзиусови степени и релативна влажност од 40 проценти. Како точно се однесува вирусот КОВИД-19 на други температури и влажноста допрва треба да се тестира, но истражувањето за други коронавируси сугерира дека тие можат да преживеат повеќе од 28 дена на 4 степени.

Коронавирусите од блиска сродност што ја предизвика епидемијата на САРС во 2003 година, исто така, преживуваа најдобро во постудени и посуви услови. На пример, исушен вирус САРС остана заразен на рамни површини повеќе од пет дена, на температура од 22 до 25 Целзиусови степени и со релативна влажност од 40-50 проценти. Колку е поголема температурата и влажноста, толку пократко живеел вирусот.

„Климата игра улога затоа што влијае на стабилноста на вирусот надвор од човечкото тело кога е протеран со кашлање или кивање, на пример“, вели Мигел Араухо, кој ги проучува ефектите од промените на животната средина врз биолошката разновидност во Националниот музеј за природни науки во Мадрид, Шпанија.

„Колку подолго вирусот останува стабилен во околината, толку е поголема неговата можност да зарази други луѓе и да предизвика епидемија. Иако Sars-Cov-2 се шири брзо низ целиот свет, најголемите епидемии најмногу се случиле на места изложени на студено и суво време“.

Неговите компјутерски модели секако се совпаѓаат со шемата на епидемии ширум светот, при што најголем број случаи се наоѓаат надвор од тропските предели.

Араухо верува дека ако КОВИД-19 има слична чувствителност на температурата и влажноста, тоа би можело да значи дека случаи на коронавирус ќе скокаат нагло во различни периоди низ целиот свет.

„Разумно е да се очекува дека два вируси ќе се однесуваат слично“, вели тој. „Но, тоа не е равенка со една варијабла. Вирусот се шири од личност до личност, Колку повеќе луѓе на едно место и повеќе ќе стапат во контакт едни со други, толку повеќе ќе бидат заразени. Нивното однесување е клучно за да се разбере ширењето на вирусот“.

Студијата на Универзитетот во Мериленд открила дека вирусот најмногу се шири во градовите и регионите во светот каде просечната температура била околу 5 до 11 Целзиусови степени и релативната влажност е мала.

Но, има и голем број случаи во тропските региони. Неодамнешната анализа за ширењето на вирусот во Азија од страна на истражувачите од Медицинскиот факултет Харвард сугерира дека оваа пандемија на вирусот ќе биде помалку чувствителна на временските услови отколку што се надеваа многумина.

Тие заклучуваат дека брзиот раст на случаите во ладните и сувите провинции на Кина, како што се Килин и Хајлонгјанг, со стапки на експанзија на тропските локации како Гуангкси и Сингапур, укажуваат на тоа дека зголемувањето на температурите и влажноста во пролет и лето нема да предизвикаат пад на бројот на случаи. Тие велат дека ова ја потенцира потребата од сеопфатни интервенции во јавното здравство за контрола на болеста.

Ова е затоа што ширењето на вирусот зависи од многу повеќе работи отколку едноставно од неговата способност да преживее во околината. И тоа разбирање на сезони за преживување на болеста станува комплицирано. За болест како „КОВИД-19“, луѓето се тие кои сега го шират вирусот, па сезонските промени во однесувањето на човекот, исто така, можат да доведат до промени во стапката на инфекција.

На пример, случаите на сипаници во Европа обично се совпаѓаат со учебната година и се намалуваат за време на празниците кога децата не го шират вирусот меѓу себе. Се вели дека масивната миграција на луѓето околу лунарната нова година во Кина, на 25 јануари, играла клучна улога во ширењето на КОВИД-19 од Вухан во други градови во Кина и во целиот свет.

Времето може да си поигра и со нашиот имунитет и исто така да нè направи поподложни на инфекција. Постојат некои докази кои сугерираат дека нивото на витамин Д во нашите тела може да има влијание врз тоа колку сме подложни на заразни болести. Во зима, нашите тела прават помалку витамин Д од изложување на сонце, главно затоа што поминуваме помалку време надвор и затоа што се криеме од студениот воздух под слоеви на облека. Но, некои студии покажаа дека оваа теорија веројатно нема да има ефект врз сезонските варијации што ги гледаме кај болести како што е грипот.

Уште поконтроверзно е дали студеното време всушност го ослабува нашиот имунитет – некои студии укажуваат на тоа дека е, но други заклучуваат дека студот може дури и да го зголеми бројот на клетки што ги бранат нашите тела од инфекција.

Сепак, постојат посилни докази дека влажноста може да има уште поголемо влијание врз нашата подложност на болести. Кога воздухот е особено сув, се смета дека ја намалува количината на слуз што ги обвива белите дробови и дишните патишта. Оваа леплива секреција создава природна одбрана од инфекции и кога јанема доволно, поранливи сме на вируси.

Интригантна студија спроведена од кинески научници сугерира дека постои некаква врска помеѓу тоа колку може да биде смртоносен КОВИД-19 и временските услови. Тие студирале скоро 2.300 смртни случаи во Вухан, Кина и ги споредиле со влажноста на воздухот, температурата и стапките на загадување на денот кога се случиле.

Иако допрва треба да се објави во академско списание, нивните истражувања покажуваат дека стапката на морталитет била помала во деновите кога влажноста и нивото на температурата биле повисоки. Нивната анализа исто така сугерира дека во деновите кога разликите во максималната и минималната температура биле поголеми, стапката на смртност била поголема. Но, оваа работа главно се заснова на компјутерски модел, така што точната природа на оваа врска и дали ќе биде снимена во други делови на светот допрва треба да бидат истражени.

Бидејќи вирусот што предизвикува пандемија КОВИД-19 е нов, малку е веројатно дека многу луѓе, ако воопшто некој, ќе имаат имунитет против него сè додека не се заразат и закрепнат од болеста. Ова значи дека вирусот ќе се шири, предизвикувајќи инфекција и болести на различни начини од ендемичните вируси.

Воздушниот сообраќај е главната рута на која вирусот се шири толку брзо низ целиот свет, вели Виторија Колица, директор за истражување на Францускиот институт за здравство и медицински истражувања. Но, откако ќе започне да се шири во заедницата, блиските контакти меѓу луѓето се она што го придвижува тој пренос. Запирањето контакт со луѓето исто така треба да ја намали стапката на инфекција. Ова е точно она што многу влади се обидоа да го направат со постојано затворање на јавните простори ширум светот.

„Сè уште нема докази за како ќе се однесува Ковид-19 во различни сезони“, вели Колица. „Компонентата во однесувањето исто така може да игра улога“. Но, таа предупредува дека е рано да се знае дали преземените мерки ќе го забават ширењето на вирусот. „Само по себе, може делумно да ја намали ефективната инфективност со намалување на контактите преку кои може да се пренесе болеста“.

И ако случаите на заразени со „КОВИД-19“ навистина се намалат во текот на следните месеци, тоа би можело да се случи од различни причини – превентивните мерки како изолација и блокадите се покажаа успешни; се зголеми имунитетот кај населението; или можеби е под влијание на сезоната, како што сугерира моделот на Џен Алберт.

„Ако има сезонски ефект, тоа би можело да го маскира вистинското влијание на другите два вида“, предупредува Алберт. „Во земји каде што сериозната блокада значеше дека многу луѓе не беа изложени на вирусот, не би се изненадил кога ќе видам друг бран во есен и зима“.

Дури и ако КОВИД-19 не покаже некоја сезонска варијабилност, малку е веројатно дека ќе исчезне целосно во текот на летните месеци, како што предложија некои. Но, голем пад на случаите сепак може да донесе предност.

„Чекорите што ги правиме за да ја израмниме кривата се скапи економски, но би можеле да ни помогнат да ја развлечеме пандемијата до лето“, вели Алберт. „Ако вирусот има сезонски својства, може да се купи дополнително време што е потребно за да се подготват здравствените системи“.

И во свет кој едвај успева да се справи со зголемениот број случаи, ова би можело да биде само времето кое очајно ни треба.

Слични содржини