Пописот кој треба да се спроведе во април се најде меѓу стегите на политиката и барањата за реална операција за пребројување.
Опозицијата тврди дека нема да го поддржи законот за попис, кој Владата го утврди како закон кој ќе се носи со европско знаменце.
Попис мора да се направи, затоа што ако не го направиме пописот не можем да планираме никаков развој во иднина, дециден е министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој утрово гостуваше на Утрински брифинг на Слободна ТВ.
Фросина Ременски на својот Фејсбук профил напиша дека земање на отисоци е криминалистичка метода, а не е статистичка постапка и операција.
Не знам со која цел НУЖНАТА ПОТРЕБА ОД ПОПИС на населението кое не сме го спровеле 20 години (единствена земја во светот сме!) во моментот се сведува на дебата за тоа дали било скапо и долго набавувањето на терминали за отисоци од прсти, или пак дали таа постапка ќе ги увери сите во веродостојноста на резултатите од пописот.
Не знам исто така, дали е ова уште еден ПР-СПИН за дефокус од клучните одговори на тоа, дали воопшто е можен попис со отисоци од прсти Гледам дека сите ја лапнаа јадицата на оваа “дебата”, а фелата и струката молчи.
Зошто?За мене оваа тема има две димензии.За едната (кривично-правната) зборував, докажав и ќе зборувам и докажувам уште – се додека ветингот не ги исфрли на површина “извршителите” на криминалните нарачки.
За да ја разбијам квази-дебатата од прес пултови за “попис со отисоци од прсти” ќе ја истакнам втората димензија (фактичката, научната, институционалната) која ги руши сите глупоштони од прва.
А тоа е следново:
Не постои ниту еден пример на земја во светот што спровела “попис со земање на отисоци од прсти” од граѓаните за нивна идентификација. Ако нема пример, нема од кого да се црпе искуство, предности и недостатоци
Дактилоскопирањето (земање на отисоци од прсти заради идентификација) е криминалистичка метода, а не е статистичка постапка и операција.Отисокот од прст како уникатен биометриски податок на човекот не може и не смее да се зема од било која институција или за намена за која тоа не е дозволено. Биометриските патни исправи содржат таков податок заради системот на гранична контрола и идентификација, напиша Ременски.
Водено со свој коментар преку Фејсбук се обрати и претседателот на надзорниот одбор на СДСМ Горан Сугарески.
-Го упропастија и прекинаа пописот во времето на режимот,сега повторно ДПМНЕ прави опструкции да не се направи попис.Пописот е статистичка операција со која се утврдува бројот на населението но е исклучително важна операција и за македонската економија.Поминуваат близу 20 години од последниот попис,нека кажат од режимот на ДПМНЕ уште колку време треба да помине за да се одржи попис. Брука и срамота е и ова да го блокираат, напиша Сугарески.
Опозицијата тврди дека нема да го поддржи законот за попис, кој Владата го утврди како закон кој ќе се носи со европско знаменце
ВМРО-ДПМНЕ се сомнева дека власта се обидува да спроведе фалсификат попис.
„Зоран Заев исто како што организира талибански избори, сега сака да организира талибански попис. За таквиот талибански попис, Заев го злоупотребува европското знаменце за носење на закони, со што поисот, којшто не е закон за усогласување со европската пракса го турка по брза постапка во Собранието“, вели Бојан Стојановски, ВМРО-ДПМНЕ.
Според министерката за одбрана Радмила Шекеринска отпорот на опозицијата ја покажувал нејзината неодговорност кон државата.
„Кога една партија неколку месеци пред пописот кој сите го чекаме 20 години, ќе ви даде предлог да се купат илјадници апарати за чија набавка не само што требаат пари туку треба долг временски период, тоа практично ви покажува дека опозициската партија повторно не сака да има попис. И тоа е истата партија која еднаш тргна во попис, самата ги руреше правилата на попис, потроши милиони евра и потоа рече „пу пу“ не важи“, изјави Радмила Шекеринска, Министер за одбрана.
Предлог законот е ставен на дневен ред на денешната собраниска седница.
Во новиот предлог, за разлика од претходниот, променети се датумите за одржување на пописот, односно истиот ќе се спроведе од 1 до 21 април 2021 година.
Исто така во новиот предлог се дефинираат и носителите на збирки на податоци кои ќе се користат при вкрстување на податоците, податок кој не беше наведен во претходниот закон.
Во новиот предлог се зголемува и бројот на пописни реони од 45 на 50.