Дали Русија отвора втор фронт на Балканот?

од Vladimir Zorba
290 прегледи

„Дали Русија отвора втор фронт на Балканот?“ – е насловот кој го носи швајцарскиот дневен весник Neue Zürcher Zeitung. Новинарот Андреас Ернст пишува: „Во последните десет години спорот меѓу Србија и Косово се разгорува повторно и повторно. Активирачи најчесто беа новите гранични режими за луѓе или стоки. Но, затоа односот меѓу Белград и Приштина отсекогаш бил нејасен, па така и сега е во конфликт околу патните исправи“.

„Србија сè уште не признава дека поранешната јужна покраина се прогласи за независна во 2008 година. Договорот за нормализација, кој двете страни го потпишаа во 2013 година, се спроведуваше само спорадично. Наместо тоа, политичарите рутински зборуваат за опасноста од другата страна и малку „штракаат“ со пиштолите. И тогаш сè повторно се смирува. Меѓутоа, геополитичката рамка во која се одвиваат извежбаните конфликти сега е променета. Војната на Москва против Украина и нејзиниот неизвесен исход на Запад предизвикаа чувство дека опасноста демне и на Балканот. Русија изгледа како Џокер кој може да влијае на матната ситуација“, го пренесува текстот Дојче веле.

„Дали Владимир Путин ќе отвори втор фронт на Балканот за да го исфрли европскиот отпор од рамнотежа? Тоа не изгледа невозможно на прв поглед. Српскиот претседател Вучиќ категорично одбива да воведе санкции кон Русија. А Москва испорачува поевтин гас за Србија, додека на другите им ги исклучува славините за гас“.

„Во српската јавност, рускиот претседател се уште ужива големи симпатии. Таа не ја смета оваа војна за агресија, туку за трагична војна меѓу браќа. Гледано од таа перспектива, на почетокот не беше нео-империјализмот на Путин, туку Америка таа што го спроведе проширувањето на НАТО на исток сè до Украина“.

„Путин, мора да се признае, се обидува да ги искористи српските потпори, но со ограничен успех. Тој вербално ја поддржува српската кауза и дава попусти за гас, а понекогаш и за оружје. Но, Москва не им верува на Србите. И со право. Зашто, Вучиќ флертува со Русите (и Кинезите) за да има алтернатива за приближување кон ЕУ – а во исто време да остане интересна за неа. На крајот на краиштата, релативната ситуација во земјата и иднината на Вучиќ зависат од економските односи со ЕУ, а не од рускиот гас“.

„Ситуацијата би станала многу поопасна ако Русија ја потчини Украина – и ако се разниша одбранбениот фронт на ЕУ. Доколку соседите на Србија, Унгарија и Бугарија ја напуштат машината, а ЕУ би изгубила тежина како регионална сила на редот, вратата би била отворена за опасно престројување на Балканот. Тоа нема да помине мирно за време на големосрпските и великоалбанските претензии – дури и без директното мешање на Русија“.

„Што може Европа да направи? Таа треба да направи се за Украина да не ја изгуби војната. Таа мора да спречи значително проширување на руската сфера на влијание на Запад. Мора да се зачува рамката на европскиот поредок во која е интегриран Балканот. И во таа рамка, ЕУ и САД мора да ги преземат работите во свои раце“.

„Треба да се интензивира преговарачкиот процес меѓу Србија и Косово за да се имплементира договорот од 2013. Во Босна, која се распаѓа како во забавена снимка, неопходно е да се продолжи со реформа на изборното право со меѓународна помош. Уште поважна е долгорочната перспектива: земјите од Западен Балкан треба итно да бидат примени на заедничкиот пазар на ЕУ по завршувањето на реформите. Тоа дефинитивно би бил затворен простор за оние кои ја расипуваат играта“, пишува новинарот Андреас Ернст од Neue Zürcher Zeitung.

Главната бегалска рута повторно преку Србија

Под наслов „Повторно збунет“, германскиот дневен весник „Rheinische Post“ известува за „сè поголем број луѓе кои се движат кон Запад во сенката на војната во Украина. Нив не само што ги мачат граничните огради и бескрупулозните шверцери, туку и недостатокот на разбирање за нивната мака“.

Новинарот Томас Росер го посети бегалскиот камп во Суботица, кој е целосно преоптоварен и таму дозна дека бегалските кампови на југот на Србија се полупразни – и покрај напорите на домаќините да ги средат дојденците – затоа што сите сакаат да одат во северниот дел на земјата, во близина на границата.

Од почетокот на кризата во Украина, значително е зголемен бројот на мигранти на балканската рута. „Во првите шест месеци агенцијата на ЕУ, Фронтекс регистрираше 55.321 илегални гранични премини за рутата што води низ Западен Балкан – што е зголемување за 191 отсто во споредба со минатата година.

Германскиот новинар разговарал и со Радош Ѓуровиќ, директор на Центарот за заштита на баратели на азил од Белград, кој смета дека „бегалците од Украина го оттргнуваат вниманието на јавноста од настаните на балканската рута“ и дека бегалците од Авганистан, Сирија, Пакистан , но и Индија и Африка, ја користат сега таа ситуација.

„Главната рута моментално води преку Грција и Северна Македонија до Србија, вели Ѓуровиќ. Оттаму еден дел од бегалците во транзит оди преку Унгарија, а другиот преку Босна и Херцеговина и Хрватска – на Запад. Само мал број успеваат да поминат директно преку српско-хрватската граница. Иако Будимпешта најави дека ќе ги зголеми патролите и оградите, од почетокот на годината има зголемен тренд кон унгарската граница“.

Томас Росер во долг текст објаснува како во Србија има отпор на голем број луѓе кон бегалците, често поради шверцерски банди кои се судираат меѓу себе, како што беше случајот на 3 јули: „Во крвава пресметка меѓу конкурентни шверц банди, еден Авганистанец е убиен, а седум лица се ранети, некои потешко – меѓу нив и 16-годишно девојче. Поради мигрантите, дење и ноќе во страв – вака гласеше насловот објавен во „Новости“.

Поради протестите на граѓаните, „национал-популистичката влада во Белград“ спроведе решителна акција и уапси група бегалци, со порака на министерот за внатрешни работи, Александар Вулин дека „Србија не е паркинг за мигранти“ и дека нема да дозволи да стане место за „бандити и ѓубре од цела Азија“.

Радош Ѓуровиќ потсетува дека „шверцерските банди не се регрутираат само од редовите на странските, туку и домашните криминалци, туку во јавноста постојано се добива впечаток дека проблемот се мигрантите и бегалците. Во исто време тие се и првите жртви на шверцерските банди“.

„Во Европа се прави јасна разлика меѓу бегалците на балканската рута и оние од Украина“, вели Ѓуровиќ. Од една страна, интересот за маките на Украинците е поголем поради интензивното медиумско покривање на тамошната војна. Од друга страна, бегалците од Украина се перципирани како Европејци од истиот културен простор, со иста религија и ист изглед. Така им е полесно и имаат приоритет“.

„Во сенка на војната во Украина, движењето кон Запад се интензивира на балканската рута. Но, последиците од војната, како што вели Ѓуровиќ, се закануваат најсилно да ги погодат бегалците на таа рута. Тој вели: „Ако Србија западне во рецесија, бегалците ќе го почувствуваат тоа повеќе од другите“, е цитатот со кој авторот Томаш Росер ја завршува својата репортажа од Србија објавена во дневниот весник.

Слични содржини