Дали салите на Хирургија се затворени поради бактеријата МРСА, прашува Стоилковски

од Nikola Popovski

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски побара одговор од Владата за состојбата на Клиниката за хирургија и затворените хируршки сали.

Според него, салите се затворени речиси една недела заради мирис и нефункционален систем за компримиран воздух. Оттаму, Стоилковски постави неколку прашања на денешната прес-конференција.

„Дали е ист системот за компримиран воздух што ги снабдува операциските сали и што ги снабдува кома центарот и КАРИЛ на истата Клиника? Дали Кома центарот и КАРИЛ функционираат и дали пациенти се приклучени на истиот систем за воздух, заради кој пак систем се затворени салите за операции на трауматологија? Ако системот за компримираниот воздух се користи за пациентите во Кома центарот и КАРИЛ, зошто не би бил добар за операциските сали, и обратно, ако салите се затворени заради системот за воздух, зошто работи кај пациенти во Кома центарот и КАРИЛ? Дали причината за затворање на салите навистина е системот за воздух и климатизацијата, за што цела недела нема зафат за надминување на проблемот или се работи за сосема нешто друго? Дали тоа друго можеби е појава на бактеријата МРСА? Дали има вонредна контрола за хигиена на одделот траума? Дали брисевите од салите се негативни? Колку е зголемена инфекцијата на оперирани пациенти? Дали има интрахоспитални инфекции кај секој втор пациент на оваа клиника? Зошто истовремено со ЈО, Министерството за здравство не почне со решавање на проблемот? СДС и ДУИ се толку преокупирани со себе и одењето во опозиција, до толку што најфреквентната клиника ја претворија во руина“, кажа портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

Обвинителството истражува зошто веќе една недела се затворени хируршките сали на клинички. Првите информации се дека се ширел непријатен мирис, а од Министерството за здравство посочиле на проблеми со функционирање на вентилацискиот систем. Предметот е распореден кај обвинител кој треба да провери дали во овој случај има кривично дело.

По собраните искази и докази Обвинителството ќе процени дали постои основа да поведе кривична постапка и против кого.

Слични содржини