Проектот „Безбеден град“ и понатаму се води како пробен, барем на хартија, но граѓаните веќе цел декември добиваат мејлови со опомени за секој, и најмал, сообраќаен прекршок што го направиле во текот на денот.
Понекогаш дури и за нешто што не ни се сеќаваат дека го сториле. Тоа, велат, е цената на новиот дигитален надзор.
Но, парадоксално, не важи за сите – барем не подеднакво. Како што дознавме од неколку доброупатени извори, службените автомобили со црвени регистарски таблици практично се „невидливи“ за системот.
Камерите едноставно не ги регистрираат, поминуваат како низ магла, иако се движат по истите улици како сите други возила.
„Тоа е намерно направено, не е техничка грешка“, открива за „Локално“ висок државен службеник. „Кога ќе се внесе нов тип на таблица во систем, треба само еден код да се промени – и готово. Ако некој решил да не ги препознава, тогаш не ги препознава“.
И тука се отвора другото прашање што кружи меѓу вработените во јавната администрација, но и меѓу дел од ИТ-заедницата која го следи проектот уште од старт: ако целта навистина била спречување злоупотреба на службените автомобили, зошто тогаш тие возила се единствените што камерите не ги нотираат?
Зошто граѓанинот мора да си ја отвори мејл-пораката и да види 30, 50 евра казна за нешто ситно, а службено возило да може да помине со двојно поголем прекршок без трага во системот?
Еден од соговорниците што со години работи на безбедносни анализи, го формулира ова многу директно:
„Државата не сака самата себе да се казнува. Тоа е суштината. Црвените таблици беа туркани под параван на реформи, но реално беа подготовка за овој систем. Камерите да ги разликуваат – не за да спречат злоупотреби, туку за да ги избегнат“.
Началникот на Секторот за внатрешн работи (СВР) Скопје, Сашо Топаловски, пак, во интервју за „Сител“ потврди дека системот „Безбеден град“ ги снима и табличките во боја на службените возила, меѓутоа, како што призна, не се знае дали службените возила ќе влезат во списокот на исклучоци од казни заедно со тие на противпожарните служби и на итната помош кога интервенира на терен.
Во јавноста, пак, долго се продаваше спротивната приказна – дека токму со воведувањето на црвените таблици ќе се стави крај на хаосот со службените возила.
„Ќе знаеме кој каде се движи, сè ќе биде транспарентно“, велеа од Владата на неколку прес-конференции.
Сето ова отвора и поширока дилема – како ќе изгледа „Безбеден град“ кога официјално ќе влезе во полна употреба? Дали државата ќе ги „вклучи“ црвените таблици во системот или ќе остане на оваа чудна двојност во која едни се под лупа, а други поминуваат без трага?
Додека граѓаните дисциплинирано ги проверуваат мејловите за да видат дали им стигнала нова опомена, службените возила продолжуваат да се движат низ градот како во паралелен универзум – каде камерите гледаат сѐ, само не и нив.
А што ќе биде понатаму… останува да се види. Или да не се види – баш како тие црвени таблици.
Б.Т.