Дали смртта на Навални може да предизвика бунт во Русија: „Смена на режими кај големи држави е можна само одвнатре, со револуции и атентати од нивни соработници“

од Nikola Popovski

Лавина од реакции по смртта на рускиот опозиционер Алексеј Навални. Вдовицата на опозиционерот ги обвинува руските власти за сокривање на телото додека исчезнат трагите од нервниот агенс „новичок“. Сопругата на критичарот на Путин е во Брисел на средба со министрите за надворешни работи на која се разгледуваат можните, нови мерки против Русија.

48-годишниот Навални беше жесток критичар на рускиот претседател Путин, противник на војната во Украина, одлежа 11 и пол години затвор за измама, непочитување на судот и прекршување на условната казна. Во август, тој беше осуден на дополнителни 19 години затвор. Постојано ги негираше обвиненијата, кои западот и меѓународните организации ги сметаат за политички мотивирани.

Москва мора да одговори на сериозни прашања, реакции од светската јавност.

„Сите факти мора да се утврдат. Она што го видовме е дека Русија станува се повеќе авторитарна сила. Тие со години ја угнетуваат опозицијата. Навални беше во затвор и исклучително важно е Русија сега да одговори на сите прашања што ќе бидат поставени за причината за смртта“, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.

„Повеќе од декада, руската влада го обвинуваше, труеше и затвораше Алексеј Навални и сега добивме извештај за неговата смрт. Фиксирањето и стравот од еден човек само ја нагласуваат слабоста на системот што Путин го изгради“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.

Од Кремљ велат дека претседателот Путин е информиран за смртта на Навални, Западот избрзува со заклучоци, а причината треба да ја кажат лекарите.

„Федералната служба за казнено-поправни установи врши испитувања. Не се потребни никакви инструкции, бидејќи постои одреден сет на правила во овој поглед. Лекарите треба некако да откријат“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Каква порака испраќа Москва? 

Професорот и поранешен советник за надворешна политика, Мерсел Биљали оценува дека смртта или подобро кажано убиството на Навални е природен исход на тоталитарни режими. Според него, тоталитарните владатели имаат невиден страв.

-Тие живеат со перманентниот страв дека ќе ја загубат власта, дека некој ги загрозува, дека некој им спрема заговор. Тие имаат потреба од заплашување на јавноста и можните претенденти. Како резултат од тоа видовме лани како беше убиен Пригожин, а и сега Навални. Пораката на Путин не се однесува толку кон западниот свет колку што кон домашната јавност и домашните противници, вели Биљали за „Локално“.

Мерсел Биљали

Како што истакнува, Путин и граѓанското општество се два различити пола на еден магнет.

-Тие се два света кои не се спојуваат. Тој апсолутно ништо нема со граѓанското општество, поинаку немаше да биде на власт 22 години, а претендира до последниот ден од својот живот. Русија е навикната на диктатори и таа не функционира со демократи. Тоа се докажа и со Горбачов и со Јелцин кои беа за една светска демократска кохезија, објаснува Биљали.

На прашањето дали во моментов Русија е заробена држава и од каде би требало да дојде одговорот, професорот посочува дека треба да помине време. Според него, смена на режими кај големи држави е можно само од внатре, со бунт, револуција, но и со атентати од нивни соработници.

-Путин е свесен на тоа и неслучајно има такви строги безбедносни мерки. Тој буквално никому не верува, па затоа толку често ги менува соработниците, смета соговорникот.

„Билд“ информира дека Русија преговарала со Германија и САД за размена на Навални, но според Биљали, тоа не е ништо посебно. Тврди дека на Путин му пречат само „непријателите“одвнатре.

-Но, исто така е докажано дека ако и тие маат голема уста надвор или преземаат некои дејствија против него, тој ќе ги улови и надвор. Едноставно така функционираат тие режими, подвлекува професорот.

Во однос на најавените поголеми санкции кон Москва, Биљали смета дека повеќе му наштетуваат на Западот, отколку на Русија.

-Санкциите треба да завршуваат со сегменти на технологијата и финансиите, а не и на енергенсите кои Русија ги продава на трети земји, а тие ни ги препродаваат нас по повисоки цени. Со тоа ние губиме најмногу, заклучува универзитетскиот професор.

Семејството на Навални, нема да може да го добие неговото тело најмалку уште две недели. Поради новичокот, семејството смета дека властите го одолговлекуваат предавањето на неговото тело, за да ги сокријат доказите.

Неговата мајка и адвокатот отпатувале во оддалечената колонија штом се објави веста за неговата смрт. Обидите за лоцирање на телото постојано биле попречувани од затворската мртовечница и локалните власти. Кремљ во понеделникот соопшти дека истрагата за смртта на Навални е во тек и дека засега „нема резултати“.

Подоцна, портпаролката на Навални, Кира Јармиш, истакна дека истражителите ѝ рекле на неговата мајка, Људмила дека нема да го предадат телото две недели додека не се направи „хемиска анализа“.

Навални беше адвокат, политичка и јавна личност, познат по истрагите за корупцијата во Русија. Се кандидираше за градоначалник на Москва, по што ја објави намерата да учествува на претседателските избори во 2018 година. Кандидатурата не помина поради незавршената судска постапка. Како основач на фонд за антикорупција, беше главен иницијатор на масовните протести одржани во 2017-2018 година во Русија. Во 2020 година, поради последица од труење со хемиски нервен агенс од групата новичок, Навални падна во кома, по што се лекуваше во болница во Берлин.

Н.П.

Слични содржини