Собранието ги откажа сите активности планирани за оваа работна седмица, вклучително и брифинг со новинари поради трагедијата во Кочани, соопштија вчера собранискатa прес-служба. Како што истакнуваат одлуката била донесена на координација на која присуствувале претседателот на Собранието Африм Гаши, потпретседателката Весна Бендевска и координаторите на ВМРО – ДПМНЕ, СДСМ, ВЛЕН, ЗНАМ и Левица, како и претставник од Влада и генералната секретарка на Собранието. Неофицијално, двојните пратенички прашања ја одложија работата, со цел дополнително да не се креваат тензии во, и онака кревката атмосфера во Собранието, во зависност од „тежината“ и „видот“ на прашањата.
Дел од јавноста негодува поради ваквиот однос на пратениците и спикерот и сметаат дека вакви „одмори“ не се земаат во тешки ситуации за државата. Според дел од поранешните пратеници кои биле едно време во состав на законодавниот дом, постојат сомневања дека законодавната власт, донела било каква одлука за себе, туку одлуката ја донеле партиите, а ја спровеле претседателот на Собранието и координаторите за нефункционирање на законодавната власт цели две недели. Иако, како што вели, екс-пратеничката Никица Корубин, согласно Уставот, законодавната власт ја сочинуваа 120 индивидуално пратеници избрани од граѓаните, таа фактички функционира како “партиска испостава”, каде одлуката на партијата го диктира постапувањето на законодавната власт.
-Партократија – власт на партиите. И на тој начин се обесмислува уставната поставеност и суштинската поделба на властите, каде две од трите власти – извршната и законодавната власт – се директно потчинети на партијата. Пратениците тука ништо не се прашале. Но, сосема друга работа е индивидуалниот молк на пратениците во време на трагедија од вакви размери и целосно отсуство од јавноста. Не смее да постои никаква партиска координација која ќе ја ограничи нивната уставна обврска и елементарна совест и хуманост, за личен став, иницијатива и солидарност во вакви трагични ситуации. И бидејќи луѓето го сочинуваат системот, дали пратениците се свесни за нивната улога во системот, како носители на највисоката, законодавна власт, прашува Корубин во разговор за „Локално“.

Никица Корубин
На прашањето дали во ваква ситуација во земјата, Собранието требаше и треба деноноќно да заседава и работи, според соговорничката, Парламентот доколку си ја вршеше суштински функцијата која ја има во системот и доколку ефективно ја спроведуваше својата уставна поставеност, Македонија нема воопшто да беше во вака тешка ситуација.
-Тоа што, во моментов собранието ја одигрува улогата, која “заробената држава”, постојано му ја наметнува, на “дежурен виновник” за навлекување на гневот на граѓаните, за било кое прашање, вклучително и вакви сложени и емотивни прашања, каде се третира како репер за неспособност и нефункционалност и свесно и се “одзема”, суштинската и водечка улога која ја имаат пратениците како највисока власт, само не’ води кон сржта на проблемот на нефункционалноста и корумпираноста на системот во сите години од независноста, кои кулминираат со трагедии од ваков размер. Но, како и за било која друга власт и оваа е составена од индивидуалци, кои имаат обврска самостојно, а не по било чиј налог да ја обавуваат својата функција. Па, нели е тоа одговорноста, која граѓаните ја бараат, констатира Корубин.
За екс-пратеникот Зуди Џелили, трагедијата во Кочани не потресе сите и тагата е голема. Токму затоа, смета дека можеби е мудро, но можеби и договор меѓу пратеничките групи да се одложат седниците што би можеле да се злоупотребуваат и да ја зголемат болката на семејствата на загинатите преку нивните говори.

Зуди Џелили
-Значи не дека е законски да не работи Собранието, ако треба може и деноноќно да заседават во интерес на државата, но сигурно го имале во предвид моралниот аспект. Инаку законодавната власт заседава во сите околности и во вонредни состојби (за време на војна) бидејќи претставниците на народот се тие што ги претставуваат граѓаните и затоа имаат имунитет за разлика од Владата, посочува Џелили во изјава за „Локално“.
Тој е дециден дека интересот на граѓаните е пред се и треба да посакаме овој тежок настан да не се повтори никогаш, пратениците да се грижат за повеќе контрола над извршната власт и да ги претставуваат граѓаните, а не партиите, оценува екс-пратеникот.
Уште еден поранешен народен избраник се огласи за моменталното функционирање на Собранието. Љупчо Балкоски смета дека во оваа тешка ситуација, Парламентот требаше и треба деноноќно да заседава и работи, да анализира и реагира, да ангажира во комисиите стручни лица кои заедно ќе достават измени во законите и Собранието ќе ги донесе, за нормално и правилно функционирање на државата.
-Со неработењето на Собранието, само се докажува големата поделба и нефункционирање на општеството. Собранието требаше и треба да донесе: Резолуција за системски промени за функционирање на државата. Со тоа треба да ја задолжи Владата да ги извршува поставените цели и активности, констатира тој.
Дел од граѓаните, но и дел од опозицијата остро го искритикуваа Собранието кое реши да не работи две недели. „Дали некогаш во некоја друга држава, во време на тешки општествени ситуации, парламентот си земал одмор?“, „Впрочем, во нормална држава, мандатите моментално ќе ви станеа ништовни“, „Ве гласавме за да воведете закон и ред, а не да бегате кога ќе згусне“, „Не грижете се, ќе продолжиме да се крепиме со донации, само вашите патни трошоци да не патат“… се само дел од коментарите.
Се огласија и од Левица. Велат дека скандалозната одлука за „колективен одмор” на ја покажува отуѓеноста на партиите на елитата од барањата на народот. „Во овие моменти, кога е повеќе од потребно, Собранието не презема одговорност да носи закони, туку втора недела по ред бега од таа своја обврска! Владејачкото мнозинство на ДПМНЕ-ЗНАМ-ВРЕДИ поддржано од СДСМ, ја покажа својата вистинска слика – кога е најважно, тие избегаа! По системски предизвиканата трагедија во Кочани, граѓаните очекуваат одговори и носење на клучни законски решенија“, стои меѓу другото во партиското соопштение.
„Присутните консензуално се согласија дека имајќи ги во предвид чувствата на сите граѓани по трагедијата во Кочани, изразувајќи почит кон сите загинати и надеж дека повредените ќе се вратат во добра здравствена состојба што поскоро, Собранието да ги откаже сите активности планирани за оваа работна седмица, вклучително и брифинг со новинари“, се наведува во официјалното соопштение од прес-службата на Парламентот.
Н.П.